• среда, 25 декември 2024

Судење на Трамп: Издавач на таблоид призна дека ја „закопал“ приказната за аферата со моделот на Плејбој

Судење на Трамп: Издавач на таблоид призна дека ја „закопал“ приказната за аферата со моделот на Плејбој

Вашингтон, 27 април 2024 (МИА) - Дејвид Пекер, издавач на таблоидот National Enquirer, сведочеше на судењето против поранешниот претседател Доналд Трамп дека го спречил објавувањето на приказната за наводна афера за да и помогне на претседателската кампања на Трамп во 2016 година, иако написот би ја зголемил продажбата на неговиот таблоид, пренесува Гласот на Америка. 

Пекер (72), на вчерашното судење се согласи со обвинителот кој го праша дали би било многу профитабилно за National Enquirer да објави приказна за тврдењата на поранешниот модел на Плејбој, Карен Мекдугал дека имала афера со Трамп во 2006 и 2007 година.

Сепак, Пекер рече дека решил да не ја објавува приказната откако и платил бидејќи тоа ќе му наштетело на републиканецот Трамп и ќе ги намалело неговите шанси да ја победи демократката Хилари Клинтон.

„Не ја објавивте приказната затоа што тоа беше од помош на кандидатот Доналд Трамп“, праша обвинителот Џошуа Стејнглас. Да – одговори Пекер“.

Издавачот претходно сведочеше дека соработувал со кампањата на Трамп и во обидот да се спротивстави на наводите за измама во време кога тогашниот претседателски кандидат се соочувал со бројни обвинувања за сексуално недолично однесување.

Пекер беше првиот сведок во случајот во кој Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи за да ги прикрие исплатите на порно актерката Сторми Даниелс за таа да молчи за аферата. Трамп тврди дека не е виновен.

Пекер сведочеше дека неговиот таблоид платил за правата за две такви стории кои никогаш не ги објавил, а исто така го предупредил Трамп дека Даниелс се обидува да ја „продаде“ нејзината приказна за сексуална средба со него.

Одбраната тврди дека парите биле исплатени за да се заштити семејството на Трамп од срам, а не да се заштити неговата кампања. Трамп негира дека некогаш имал секс со Сторми Даниелс.

Адвокатите на Трамп се обидоа да го дискредитираат сведочењето во кое Дејвид Пекер објасни како шемата за елиминирање на негативните приказни функционирала за да се спречат наративите кои биле штетни на претседателската кампања на Трамп во 2016 година.

За време на сведочењето, Пекер ги оквалификува како вообичаени напорите на познатите луѓе да бидат проследени со добар публицитет, како и дека неутрализирал негативно конотирани приказни за други познати личности, како филмската суперѕвезда Арнолд Шварценегер и голферот Тајгер Вудс.  Тој вели дека во случајот со познатиот актер, Enquirer платил стотици илјади долари на жени кои тврделе дека имале афера со него - за време на кандидатурата на Шварценегер за гувернер на Калифорнија во 2003 година.

Пекер прецизираше дека првпат го предупредил Трамп за негативно конотираната приказна уште во 1998 година, кога поранешниот американски претседател беше во брак со Марла Мејплс.  Тој рече дека го смета Трамп за пријател, иако тие не разговарале од 2019 година.

Обвинителите тврдат дека аранжманот на Пекер со Трамп негативно влијаел на изборниот процес во 2016 година. Поранешниот издавач на таблоид се согласи да соработува со правосудството за да избегне кривична пријава.

Против Доналд Трамп се водат вкупно четири судски постапки.

Покрај овој случај, тој е обвинет и за незаконско ракување со доверливи документи и обид да ги сврти резултатите од изборите во 2020 година во своја полза. Во Џорџија се води постапка против него за обид да влијае на резултатите во таа сојузна американска држава. ссм/

фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан