• четврток, 26 декември 2024

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница одложено за 7 декември (ДПЛ) 

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница одложено за 7 декември (ДПЛ) 

Тетово, 8 ноември 2022 (МИА) - Основниот суд во Тетово и денеска го одложи почетокот на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, а имаше и десетина повредени лица.

Судијата Јордан Велковски го одложи судењето за 7 декември 2022 година во 10 часот откако еден од обвинетите, докторот Бобан Вучевски немаше адвокат бранител. Вучевски образложи дека неговиот бранител имал друго рочиште закажано пред да биде определен овој датум за судењето, по што судијата му препорача тоа да не се случи нареден пат за да не дојде до ново одложување на главната расправа. Судијата информираше дека доколку не обезбеди адвокат за нареден пат ќе мора да почне главната расправа и без присуство на бранител на обвинетиот.

Потоа адвокатите - бранители на другите обвинети побараа да има аудио-визуелно снимање на процесот. Судијата Велковски по консултација со лицето од техничката служба на установата истакна дека ќе биде возможно само аудио снимање, согласно можностите на Основен суд Тетово.

Причина за одлагањето беше и тоа што другите адвокати - бранители побараа освен увид да имаат и препис од доказните материјали. Од Обвинителството информираа дека доказите се доставени до Судот и побараа да се дозволи увид и препис. Судијата Велковски истакна дека во наредниот период адвокатите - бранители ќе имаат можност да направат препис на материјалните докази.  Беше посочено дека освен пишани материјали постојат и електоронски докази на вкупно 3000 страници (три илјади страници).

По излегување од судницата само првообвинетиот Фљорин Бесими даде изјава за медиумите во која го повтори ставот даден на претходно закажаните датуми за главна расправа дека сака што побргу да почне судење.

-Јас сум најмногу заинтересиран судењето побрзо да заврши и да ја докажам својата невиност во врска со овој трагичен настан, изјави Бесими.

По десетмесечната истрага почетокот на судењето беше закажано за 6 септември, па се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено за денеска, 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите немаа адвокати. Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.

Тетовското Обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. ас/мд/

Остани поврзан