• четврток, 26 декември 2024

Стјуарт Гилман за МИА: Комплицираните балкански прашања кои се протегаат со векови, го усложнуваат проблемот со корупцијата

Стјуарт Гилман за МИА: Комплицираните балкански прашања кои се протегаат со векови, го усложнуваат проблемот со корупцијата
Скопје, 13 март 2022 (МИА) – Корупцијата и митото го попречуваат просперитетот на Западниот Балкан. Kомплицираните балкански прашања кои се протегаат со векови наназад, дополнително го комплицираат проблемот со корупцијата, рече меѓународниот експерт за мито и корупција, Стјуарт Гилман во интервју за МИА. Според Гилман, на Балканот карактеристични се семејните врски кои честопати „диктираат“ одредени судски постапки. - Сметам дека корупцијата го спречува просперитетот, но варира од држава до држава на Балканот. Мислам дека Албанија имаше силен почеток во борбата со корупцијата пред 20 години, но сега се уназади. Има многу различни елементи во игра, тоа е добро познато, бидејќи комплицираните балкански прашања се протегаат наназад со генерации и векови. И тие прашања уште толку ја комплицираат корупцијата. Во Албанија имаше огромен проблем кога некого ќе уапсеа за корупција, излегуваше дека се на некој начин поврзани со судиите. И после, како да имаме независно судство ако сите се или директно или индиректно поврзани? Се обидоа да го оттргнат судството од јавното влијание, како кога нечија тетка ќе се јави и ќе каже „пуштете го внук ми“, и тешко е да се справиш со тоа, бидејќи семејството е многу висок приоритет за сите на Балканот. Имајќи го тоа предвид, мислам дека Балканот се соочува со многу прашања. Секако дека имало и успеси и мислам дека треба да се фокусираме на успесите на Северна Македонија, како на пример пријавување на имот, за да се осигураме дека јавните службеници се одговорни, потоа ефективни кодекси на однесување кои се применуваат, порача Гилман. Посочува дека доколку државата има волја успешно да се избори со корупцијата, постојат повеќе алатки, како и дека проблемот со корупцијата во судовите е тоа што никој не подлежи на одговорност. - Степенот на корупција е висок, бидејќи никој не сноси одговорност, и таму лежи проблемот. Судиите треба да си ги обелоденат финансиите, треба да имаат кодекси на однесување. Кога бев во ОН, имаше 18 главни судии низ светот по Бенгалорските начела за судско поведение. Мислам дека ова ги тера да преземат одговорност. Бенгалорските начела за судско поведение се достапни онлајн, можете да си симнете копија од нив и водич за нивното применување. Мислам дека новинарите ги гледаат овие големи договори и мислат дека се апстрактни, но всушност, можете да го прочитате Водичот на ОН против корупција, а исто така постои Технички водич за оваа конвенција, што е петпати подолг и дава многу детали за тоа како овие нешта треба да се применуваат. Мислам дека тоа е причината поради која има толку многу корупција во судството, констатира Гилман. Тој смета дека во која било демократија судството е последното средство кон кое граѓанинот треба да се сврти, а ако правниот систем не функционира, тогаш „ништо не функционира“. - Прашањето е по кои стандарди се водиме и дали се применуваат? Дали судиите можат да се отстранат, со што судскиот интегритет ќе остане недопрен? Идејата дека судија може да украде што сака или дека може да прима мито кај ќе му текне или да користи влијание за што било е толку поразителна кога станува збор за судството. Да ве потсетам дека во која било демократија, судството е последното средство кон кое граѓанинот треба да се сврти, откако легислативата и службените лица не можеле да му помогнат. Ако правниот систем не функционира, ништо не функционира. Важно е Северна Македонија да се фокусира на интегритетот на правосудството. Без тоа е безмалку невозможно да се поддржат другите системи, порача Гилман. Потенцира дека на корупцијата не може да и се стави крај, туку само може да се ублажи „ударот“ врз просечниот граѓанин. - Важно е да разбереме дека нема да ѝ ставиме крај на корупцијата, но можеме да го ублажиме нејзиниот удар врз просечниот македонски граѓанин за тие да не потпаднат под влијание на корупцијата и за да не ги почувстуваат последиците од корумпираните политичари, бизнисмени и кој било друг. Сметам дека повеќето држави треба да се стремат кон тоа за просечниот граѓанин да може да каже дека не е под влијание на корупција, подвлече Гилман. На прашањето како може државата да се бори против корупцијата ако граѓаните немаат доверба во правниот систем и не ја пријавуваат, експертот вели дека по пријавување на корупција од голема важност е заштитата на граѓанинот кој пријавува. - Не е дека луѓето не можат да пријават, прашањето е дали ќе бидат заштитени од одмазда? Техничкиот водич има поглавја за ова, како и Бенгалорските начела, за тоа како можат да се заштитат индивидуи. Второ, мора да се преземе нешто, значи, доколку е пријавено и потврдено, што понатаму? Во многу држави, можете да пријавите корупција, но ништо не се презема, па нема поента да се пријави. Има многу специфични нешта кои можат да се стават во законите, административни регулативи во универзитетите и на други места. Не сме целосно слепи, имаме многу добри референци во други држави, како во Романија, Литванија, некогаш и Албанија, имаат многу ефективни системи. Клучот е да се најде што ќе функционира во Македонија? Не ме сфаќајте буквално, но погледнете ги системите кои функционираат, и видете што ќе одговара во македонските политички системи, во културата, поддршката за граѓаните во вакви ситуации. Важно е да се обрне внимание на тоа што ќе одговара, не само да се копира нешто, во македонски контекст, оцени Гилман. Според него, за eфективниот начин за справување со корупцијата има многу алатки, прашање е кои од нив се најсоодветни за Северна Македонија. - Пак ќе се осврнам кон Техничкиот водич за тоа како се превенира злоупотреба на положба. Прашањето е дали има кривичен законик кој се дополнува со административни санкции. Морам да признаам дека административните санкции се честопати многу поефективни. Имам тангента на која би сакал да се осврнам. Работев, како што спомнав, во програмата на Светската Банка во рамките на ОН за спречување на перење пари и спречување на украдени средства да не одат во други држави. Нешто што се користи низ целата Европска Унија и од неодамна во Романија, е одземањето на средства, не преку кривично дело, туку преку граѓанска постапка, што се вика одземање на имот без осуда. Некој е обвинет за нешто што не е кривично дело, но мора да докажат дека ги стекнале парите легално. Ако не можат, државата има право да ги земе под граѓански закон. Некои ќе прашаат дали ова ги крши човековите права, но Европскиот суд за човекови права смета дека ова е сосема рационален начин на справување со корупција. Најдобрата одбрана против корупцијата е добра офанзива, изјави Гилман. Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2021 година покажува дека во однос на претходната година, Северна Македонија е рангирана на 87 место со 39 поени, односно има скок од 24 места во однос на претходната година, што е значително подобрување.   Сепак, според Стјуарт Гилман овие резултати не претставуваат веродостојно мерило, бидејќи како што вели, индексот е двосмислен. - Прво, не би сакал да се потпираме на Индексот за перцепција на корупцијата. Имам напишано долги статии во врска со тоа колку е двосмислен и дека, за жал, се злоупотребува во истражувања. Индексот е многу важна алатка за да се создаде интерес за борбата против корупција. Но, мислам дека качувањето и паѓањето на скалата на Индексот не е толку важно, колку внатрешната евалуација направена од, на пример, новинари во Северна Македонија, за подобро да разбереме што значат тие бројки. Дали навистина гледаме опаѓање или тоа опаѓање се однесува на медиумска покриеност или било кој друг вид на покриеност, бидејќи Индекот користи деловни индекси при обработка на тие податоци, што секако може да биде многу здраво, но не мора да значи дека баш мери корупција, изјави Гилман. Во однос на најавените измени на Кривичниот законик во државава во делот на злоупотребата на службената положба, тој истакна дека феноменот со злоупотреба на моќ не може да се искорени, туку може само значително да се намали. - Злоупотребата на јавните функции мора да биде јасно дефинирана. Илегално е, но мора да се одговори на прашањето каква е злоупотребата, дали ја користите положбата за да се збогатите вие лично или вашето семејство, дали ја користите положбата за да влијаете некому за вашите пријатели, верски организации и слично. Никој не смее да биде над законот и треба да има алатки што ќе ги спречи да ги злоупотребуваат функциите. Можам да ви дадам десетици примери, можам пак да ви го спомнам Техничкиот водич, и за регионот, и во светот, за тоа како се справиле со злоупотребата на моќта. За жал никогаш нема потполно да го искорениме овој феномен, но може значително да се намали, заклучи Гилман. Според него, токму целта на дигитализацијата на јавната администрација е сузбивање на корупцијата, која и во овој процес би успеала да најде начин како да се пробие. - Што и да мислите за криминалот, мора да постојат системи кои ќе ги извадат тие луѓе од јавни функции за да не можат да имаат влијание. Уште еднаш да повторам, имате секакви алатки, не го спомнувам пак Техничкиот водич, но има долга дискусија како да се создадат ефективни алатки во оваа област. Нема изговор. Знаеме кои системи ќе функционираат. Прашањето е што ќе функционира во Северна Македонија, вели Стјурат Гилман за МИА. Во продолжение целосното интервју со експертот за мито и корупција, Стјуарт Гилман.

Симона Србиноска Фото: Фросина Насковиќ Видео: Андреј Бранковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан