• четврток, 26 декември 2024

Студија: Се очекува евроскептичните десничарски партии во земјите членки на ЕУ да забележат пораст на европските избори во јуни

Студија: Се очекува евроскептичните десничарски партии во земјите членки на ЕУ да забележат пораст на европските избори во јуни

Париз, 24 јануари 2024 (МИА) - Популистичките и евроскептичните десничарски партии во земјите-членки на ЕУ се очекува да забележат силен пораст на претстојните европски избори во јуни, јавија француските медиуми цитирајќи нова студија објавена денеска од Европскиот центар за надворешни односи.

Според него, партиите што ја претставуваат популистичката и антиевропска десница ќе излезат на врвот на евро-гласањето во најмалку девет земји-членки, меѓу кои Франција, Австрија, Белгија, Италија и Холандија. Тие партии ќе останат на второто или третото место во девет други земји од блокот, вклучувајќи ги Германија, Шпанија и Шведска, покажа и анкетата.

-Ефектот од изборите може да има значително влијание, почнувајќи од блокирање на легислативата потребна за спроведување на следната фаза од Зелениот договор до заземање поцврст став за низа прашања, вклучително имиграцијата, проширувањето и поддршката за Украина, велат авторите на студијата Сајмон Хикс и Кевин Канингем.

Во студијата се наведува дека „постои голема можност проруските партии да бидат претставени во следниот Европски парламент“. Според студијата, проруската партија во Бугарија „Преродба“ за првпат треба да влезе во Европскиот парламент, откако добија три европратенички места.

Истражувањето особено се заснова на неодамнешните анкети спроведени во 27-те земји-членки на ЕУ и на партиските резултати постигнати на последните национални парламентарни избори.

Истражувањето предвидува дека главната политичка групација во ЕП - онаа на Европската народна партија, која ги обединува десницата и демохристијаните, од кои потекнува претседателката на актуелната Европска комисија Урсула фон дер Лајен, треба да остане најголема во следниот ЕП. Но, според истражувањето таа ќе ги загуби пратеничките мандати. Истото ќе се случи и со групата социјалисти и демократи, која треба да заврши на второто место, но ќе загуби места.

Екстремно десничарската група „Идентитет и демократија“, на која припаѓа француската партија „Национално собрание“ или германската партија „Алтернатива за Германија“, како и групата европски конзервативци и реформисти, обединувајќи ја меѓу другите полската партија „Право и Правда“, италијанската партија „Италијански браќа“ и партијата Вокс во Шпанија се очекува да постигнат значителен напредок во евро-гласањето.

Според прогнозите, „Идентитет и демократија“ ќе се позиционира како трета политичка сила со 98 пратенички места. Но, тоа би можело да биде надминато од европските конзервативци и реформисти доколку партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан одлучи да се придружи. Сега партијата не е дел од ниту едно политичко семејство. Од друга страна, пак, Европската народна партија би можела да ги привлече на своја страна „Италијанските браќа“, истакнуваат авторите на студијата.

Според нив, коалицијата вклучувајќи ја популистичката десница, составена од Европската народна партија, „Идентитет и демократија“ и европските конзервативци и реформисти, би можела да се појави во идниот ЕП и да има 49 отсто од 720 места во него.

-Во овој контекст на засилен популизам, што би можел да достигне нови височини со евентуалното враќање на Доналд Трамп на претседателската функција во САД оваа година, партиите на доминантната политичка струја мора да се разбудат и да земат јасна сметка за барањата на гласачите, притоа признавајќи ја потребата Европа да игра помоќна и поинтервенционистичка улога на светската сцена, вели политикологот Сајмон Хикс. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан