• среда, 18 декември 2024

Студентската размена меѓу темите на средбата на Лимани и Велковски со делегација на Словенија

Студентската размена меѓу темите на средбата на Лимани и Велковски со делегација на Словенија

Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Размена на студенти и побрз проток на луѓе - државјани на двете држави, биле меѓу темите на средбата на министерот и заменик министерот на социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Ѓоко Велковски со делегација на Словенија, информираат попладнево од надлежното министерство.

Делегацијата на Словенија била предводена од министерот за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности Лука Месец, амбасадорот на оваа држава во Северна Македонија - Грегор Прескер, Мојца Пршина - генерален директор за пазар на труд и вработување на земјата и Уршка Липовж, советник на министерот.

- На средбата, двете страни изразија задоволство од досегашната соработка што години наназад се одржува на високо ниво. Двете земји одлично соработуваат во многу области, а на средбата, акцентот беше ставен на областите што ги покриваат, особено соработката во областа на социјалното осигурување, вработување, образование, социјалното претприемништво и друго. Соговорниците зборуваа за размената на студенти, со оглед на големиот број студенти од Македонија кои студираат во Словенија, како и наши државјани кои работат во Словенија, но и обратно. Разговорите беа во насока на унапредување на легислативата за побрз и поедноставен проток на луѓе државјани на двете држави, наведуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Станало збор и за состојбата со демографијата и младите како предизвици со што се соочуваат „не само држави како нашата, туку и Европа, но и светот“.

- Притоа, се стави акцент на преземање сериозни чекори преку политики што ќе им понудат можности на младите да останат во својата држава, но и можности за враќање на оние кои заминале. Соговорниците потврдија дека Словенија и Македонија се пријателски држави и држави што пред три децении беа една држава и оттука и сличностите во културата и меѓусебното разбирање. Двете страни на крајот на средбата изразија големо задоволство и заложба за зајакнување на досегашните соработка и поддршка, потенцираат оттаму. бд/са/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

Остани поврзан