Студенти од ФЛУ направија конзерваторско-реставраторски третмани врз две дела од Никола Мартиноски
- Фалкултетот за ликовни уметности при Скопскиот универзитет соопшти дека во рамки на работилница нивни студенти направиле конзерваторско-реставраторски третмани врз две дела од Никола Мартиноски.
Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - Фалкултетот за ликовни уметности при Скопскиот универзитет соопшти дека во рамки на работилница нивни студенти направиле конзерваторско-реставраторски третмани врз две дела од Никола Мартиноски.
Студентите кои го имаат одбрано предметот Заштита и реставрација на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на ФЛУ, под менторство на доц. м-р Марија Сотировска-Богдановска и насловен доц. м-р Маријета Сидовски, работеле на сликата од циклусот „Девојчиња“ (масло на лесонит, 52 × 70 см) и „Мртва природа - риби“ (масло на платно, 64,4 × 47 см) кои се во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Покрај интервенции на сликите, биле исчистени, коригирани и визуелно усогласени нивните рамки.
Активностите биле реализирани на работилницата по конзервација и реставрација „Методи на чистење на уметнички дела на водена база (примена на водени пуфери и растворувачи на водена база)“, финансирана од ИКСССА 2025.

ФЛУ во соопштение наведува дека работилницата претставува значаен придонес кон развивањето на професионалните компетенции на студентите, како идни конзерватори и реставратори, обезбедувајќи им практично искуство во реални услови, со автентични уметнички дела и со примена на современи методологии.
-Сликата „Девојчиња“ беше затекната со стара интервенција и локални оштетувања, залепен акрилен лак за стаклото, подглобочувања и пожолтен заштитен слој. Сликата „Мртва природа - риби“ имаше наслаги од прашина и чад, вдлабнатини на платното и ситни оштетувања ... Овие ативности ја нагласуваат потребата од создавање подобри услови и континуирана поддршка за систематска грижа, истражување и долгорочно зачувување на уметничките дела како дел од нашето културно наследство, соопшти ФЛУ-Скопје. хс/са/
Фото: Факултет за ликовни уметности - Скопје