• четврток, 26 декември 2024

Студенти математичари од ПМФ добија стипендии од осигурителните компании

Студенти математичари од ПМФ добија стипендии од осигурителните компании

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Четиринаесет осигурителни компании, денеска, по повод Денот на осигурувањето 1 ноември, доделија 14 стипендии на студенти – математичари од Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје. Станува збор за студенти со висок просек на насоките за актуарство и математика кои ќе добијат можност за пракса во компаниите за осигурување, но и стипендија од 1 000 евра во денарска противвредност.

Иницијативата за стипендирање млади математичари од ПМФ е на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Целта е, како што беше речено, промоција, подигање на свесноста и афирмација во јавноста на актуарската професија која е дејност од суштинско значење во осигурувањето, а воедно и високо ценета и добро платена.

Пред една година осигурителните друштва стипендираа 11 најдобри студенти од Економскиот факултет во Скопје. 

-Сега веќе сме помасовни и подобро организирани. Годинава 14 осигурителни компании ја прифатија и поддржаа иницијативата на АСО да стипендираат 14 студенти на Природно-математичкиот факултет во Скопје кои се усовршуваат на насоките за актуарство и математика. Студентите на математичките катедри на ПМФ се потенцијални актуари кои по завршување на соодветна обука што ја организира АСО можат да станат овластени актуари и на тој начин да добијат вработување во осигурителни компании, друштва за управување со пензиски фондови, банки и други финансиски институции, рече претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски кој се обрати на настанот во Стопанската комора по овој повод.

Во име на студентите-стипендисти се заблагодари деканот на ПМФ, Даворин Трпевски, а пред притсутните се обрати и Ралица Губерова, претставник на осигурителниот бизнис и претседател на групацијата за осигурување при Стопанската комора.

-Единствено преку заеднички активности на сите учесници на пазарот на осигурување, со поддршка и координација од страна на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурување, заедно можеме да влијаеме за зголемување на бројот на осигуреници, зголемување на стапката на пенетрација на осигурувањето, за крајно да обезбедиме развој на целокупниот пазар на осигурување. Ова секако ќе ја подигне важноста и значењето на осигурувањето, ќе имаме се повеќе задоволни осигуреници, а друштвата за осигурување ќе станат поатрактивно место за работа на квалитетен кадар кој ќе биде мотовиран да го вложи своето време и труд во развој на овој значаен сектор за економијата и општеството во целина, рече Губерова.

АСО на Националниот ден на осигурувањето додели и награда на млад истражувач за најдобар научен труд од областа на управувањето со ризици и осигурување, во вредност од 80 000 денари.

Во рамки на настанот на кој присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, се одржа и панел дискусијата „Како растот на осигурувањето да го трансформираме во развој“. Претставници на осигурителната индустрија, АСО, Министерството за финансии и Стопанската комора дебатираа за новиот закон за осигурување, а разменија мислења и за процесот на либерализација на автомобилското осигурување и зелената карта, како и за значењето на квалитетниот прием на штети кај осигурувањето живот.

Први ноември, освен Национален ден на осигурувањето, е и денот на кој пред 14 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението. мч/лв/

фото: МИА, АСО и Влада на РСМ

 

Остани поврзан