• среда, 25 декември 2024

Преку апликацијата „Breathe.mk“ граѓаните ќе пријавуваат аерозагадување во Скопје

Преку апликацијата „Breathe.mk“ граѓаните ќе пријавуваат аерозагадување во Скопје

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Во соработка со „Air Care“ (Мој Воздух), „Бреинстер“ викендов организира два хакатона, на кои студентите ќе ја креираат апликацијата Breathe.mk, која ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје. 

Како што информираат од „Бреинстер“, корисниците на Breathe.mk. ќе можат да поднесат извештаи за загадување на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот. Идејата е пријавите да стигнуваат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.

На првиот Air Care - хакатон, денеска и утре ќе биде креиран план за развој на продуктот, маркетинг стратегија и UX/UI дизајн на платформата. На вториот хакатон, што ќе се одржи на 28 и 29 октомври, студентите ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.

На првиот хакатон учествуваат стотина студенти од креативните академии на Бреинстер - графички дизајн, дигитален маркетинг, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент. На вториот хакатон ќе се активираат студентите од техничките академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing, Проект и продукт менаџмент, како и студентите од првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), од програмата за Софтверско инженерство и иновации. Хакатоните се реализираат како дел од програма за учење и работа на реални проекти на Академиите и факултетот на Бреинстер.

- Како организација веруваме во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата, а исто така веруваме дека нашите студенти ќе ги креираат тие решенија. Овојпат, соработуваме со Air Care и со Град Скопје, за кои ја креираме апликацијата Breathe.mk. Се надевам дека сите заедно на овој хакатон ќе влијаеме Скопје, а и цела наша држава да дише почист воздух, изјави Јана Тодоровска, тим лидер на „Партнерства“ во Бреинстер.

Алекс Долстра, иницијатор на Breathe.mk, го истакна значењето на оваа соработка во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје.

- Со заедничката визија за дишење почист воздух, Breathe.mk ветува дека ќе донесе значајно подобрување на квалитетот на воздухот, со вклучување на градските инспектори и жителите, со здружени сили. Загадувањето на воздухот е глобална грижа, а Скопје не е исклучок. Признавајќи ја сериозноста на ова прашање, Градот Скопје зеде проактивен став со распоредување на широка мрежа од 220 станици за мониторинг на квалитетот на воздухот. Овие станици, стратешки поставени низ градот, постојано собираат податоци за параметрите на квалитетот на воздухот, рече таа.

Според Долстра, со активно вклучување на жителите во процесот на пријавување на инциденти со загадувањето на воздухот или загадувачи, проектот предвидува зајакнување на ефикасноста на градските инспектори, зголемувајќи ја нивната ефективност до четири пати.

-Ние веруваме дека решавањето на загадувањето на воздухот е колективна одговорност, а Breathe.mk е завет за ова верување. Нашиот проект охрабрува симболична конекција помеѓу градските инспектори и граѓаните, каде што заедничките информации доведуваат до заеднички резултати", рече Долстра и посочи дека оваа иницијатива се резизира со повеќе поддржувачи и пријатели од Холандија, Белгија, Германија и Македонија.

Преку апликацијата корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот само со оставање е-адреса или со регистрација на платформата.

- Минатата година, благодарение на Долстра, почнавме со поставување на густа мрежа со сензори, која ја започна Град Скопје, а потоа се прошири. Од првите 40 сензори што ги поставивме, сега имаме околу 200. Ова е нешто најдобро што можеше да му се случи на градот, имајќи во предвид со колкаво загадување се соочуваме. Многу важно за нас е да знаеме кои се причинителите на загадувањето. Како некој што се соочил со канцер, и има членови на семејството и пријатели што се соочиле со оваа подмолна болест, ги замолувам студентите на овој хакатон ќе дадат сѐ од себе и ќе направат апликација за доброто на сите, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. фф/бак/

Фото: Бреинстер

Остани поврзан