• среда, 25 декември 2024

Студентите кои протестираа поради војната меѓу Израел и Хамас се судрија со полицијата во Тексас

Студентите кои протестираа поради војната меѓу Израел и Хамас се судрија со полицијата во Тексас

Њујорк, 30 април 2024 (МИА) - Демонстрантите и полицијата синоќа се судрија во кампусот на Универзитетот во Тексас при што дојде до десетици апсења, а Универзитетот Колумбија во Њујорк почна да ги суспендира студентите, јавија странските агенции.

Според локалниот адвокат на Универзитетот во Остин, најмалку 40 демонстранти се уапсени синоќа под обвинение за нарушување на јавниот ред.

Доцна синоќа, Универзитетот објави соопштение во кое се вели дека многу од демонстрантите не се поврзани со институцијата и дека камповите се забранети во кампусот. Исто така, се наведува дека некои демонстранти влегле во „физички и вербални конфронтации“ со претставници на Универзитетот, што ги натерало службениците да контактираат со полицијата.

Протестот во Тексас и другите протести низ земјата уследија по протестите на Универзитетот Колумбија во Њујорк, кои се уште траат. Активистите во универзитетскиот кампус синоќа го пропуштија рокот да го напуштат кампот со околу 120 шатори.

Иако управата на Универзитетот не повика полиција да ги растера демонстрантите, портпаролот на Универзитетот Бен Чанг рече дека започнале процес за отпуштање на студентите. Тој рече дека иако Универзитетот го почитува правото на студентите на слободен говор, кампот ја попречува наставата и подготовката за завршните испити. Универзитетот соопшти дека ќе понуди алтернативно место за протести по испитите. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан