• недела, 24 ноември 2024

Струја за 5.500 домаќинства од новата соларна електрана во Амзабегово (ДПЛ)

Струја за 5.500 домаќинства од новата соларна електрана во Амзабегово (ДПЛ)
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - За 5.500 домаќинства ќе се обезбедува струја од соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово, инвестиција на Групацијата ГЕНИ.  Изградбата на капацитетот почна лани, а 17-те мегавати соларна енергија веќе се доставуваат низ мрежата, која е ставена во функција три месеци пред предвидениот рок. Игор Коприварник, претседател на Управниот одбор на ГЕНИ, на прес-конференцијата по повод почетокот со работа истакна дека новиот капацитет е најголемата соларна електрана што е изградена во државава и оти е клучна пресвртница во нивната работа, но и во зелената трансформација на регионот и Северна Македонија. - Владата ги препозна инвестиците во соларни фотоволтаици како клучен чекор во исполнувањето на целите за одржливост. Кризата со енергенсите ги засега сите, цената на струјата расте, на крајот на август го достигна врвот од 1000 евра по мегават час, поради што соларното производство на струја има уште поголемо значење, секој мегават час е важен, рече Коприварник. Според премиерот Димитар Ковачевски, инвестицијата е огромен чекор за остварување на владините амбиции за обезбедување електрична енергија од обновливи извори на енергија. -Денес не зборуваме за минатото, туку за иднинатата. Зборуваме за нови прокети што треба да ни донесат стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Најголемата инвестиција во фотоволтаична централа покажува како работи одговорна Влада, како може да функционираат институциите на државно и на локално ниво и како во тоа има резултат што доаѓа три месеци пред зададениот рок, рече Ковачевски. Според премиерот, Владата брзо и ефикасно се справува со енергетската криза. - Со ова поставивме курс како треба да изгледа државата во иднина кога зборуваме за производство на енергија и зелена индустрија и економија коишто се стремиме да ги креираме. Стабилноста во обезбедувањето електрична енергија  преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет особено во време на најголемата светска енергетска и економска криза, посочи Ковачевски. Ковачевски вели дека оваа инвестиција покажува дека Северна Македонија е угледна земја кога станува збор за странски директни инвестиции. - Оваа инвестиција, оваа фотонапонска централа, има инсталиран капацитет кој е ист како сите изградени фотонапонски централи во Северна Македонија за вкупно 11 години колку што владееше претходната власт. Тоа покажува визија за иднината но и посветена работа на Владата особено во дадениот контекст на енергетско-економската криза, рече Ковачевски. Премиерот истакна дека имаме над 280 сончеви денови во државата и оти нашата татковина има доволно сонце. Се што е потребно, заклучи тој, се инвестиции во обновливи извори на енергија. ГЕНИ доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија.  Како што посочи ресорниот министер Крешник Бекшети, со оваа инвестицијата се добиени дополнителни 17 мегавати, колку што е направено во изминатите 30 години во државава. Тој посочи дека кон крајот на април, почетокот на мај во нашата држава само од приватни инвеститори не вклучувајќи ги инвестициите кои се прават од ЕСМ ќе имаме во мрежа над 150 мегавати инсталирана моќност од соларни инвестиции. -Во рок од 2,5 години ќе имаме инсталирана снага од над 220 мегавати, а се подготвуваат и нови повици и се надевам дека мандатот ќе го заокружиме со над 30 мегавати инсталирана снага само од фотоволтаици. Министерството за економија и Владата секако ќе работат на дополнителни мерки и тоа веќе се прави и од мај до октовмри најверојатно нашата потрошувачка ќе ја покријат само инвестициите во обновливи извори, дополни Бектеши. вј/мс/  

Остани поврзан