• недела, 24 ноември 2024

Струмица одбележа 78 години од ослободувањето

Струмица одбележа 78 години од ослободувањето
Струмица, 11 септември 2022 (МИА) - Денеска на Спомен костурницата над градот со пригодна свеченост беше одбележана 78-годишнината од ослободувањето на Струмица. За значењето на празникот зборуваше членот на Советот на Општината, Дениза Стамболиева. -Седумдесет и осум години слободна Струмица се 78 години непречен развој, тоа се 78 години безрезервна љубов помеѓу слободниот град и неговите слободни чеда. Денес треба и мора да бидеме горди на празникот што го празнуваме, на слободата што ја славиме, на градот во кој битисуваме. Слободата треба катадневно да ја живееме и да ја чуваме, а градот треба да го надградуваме онака како што доликува и по мерка на сите оние кои живеат во него. И за едното и за другото потребно е љубов, обединетост, разбирање и многу, многу заеднички труд. Зошто? Затоа што оваа наша Струмица подеднакво ни припаѓа на сите, рече Стамболиева. Рецитаторите од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за денот на ослободувањето на градот, а претставници на локалната самоуправа, Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата. Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат вечер со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“. рт/дма/

Остани поврзан