• среда, 18 декември 2024

Струмица доби камион за гаснење шумски пожари, доделени дронови за струмичките, гевгелиските и радовишките пожарникари

Струмица доби камион за гаснење шумски пожари, доделени дронови за струмичките, гевгелиските и радовишките пожарникари

Струмица, 10 ноември 2023 (МИА) - Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, денеска му ги врачи клучевите од новиот камиот за гаснење шумски пожари на градоначалникот Костадин Костадинов, као и три дронови за лоцирање и следење на такви пожари на пожарникарите од Струмица, Радовиш и Гевгелија.

Камионот, чија вредност изнесува 107 илјади евра, и дроновите се обезбедени преку проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи - eFIDAR“, кој го имплементира Центарот за развој на Југоистокот заедно со Регионот на Централна Македонија, Грција и Центар за управување со кризи, Република Северна Македонија. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и нашата држава.

-Овие два дена во Струмица се извршува обука за управување и ракување со воздухоплови, односно дронови коишто ќе се користат со термални камери и три такви воздухоплови добија општините Струмица, Радовиш и Гевгелија. Секако, дека ова ќе им биде од голема корист при рана детекција и превенирање на пожари во шумски предели. Исто така,Општина Струмица, односно Противпожарната единица, доби ново возило кое ќе се користи за справување со пожари и сметам дека овој проект ќе биде заокружен со ново противпожарно возило на почетокот на декември кое ќе го добие Општина Радовиш, рече директорот Камчев.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, станува збор за возило кое има резервоар за вода од три тони и ќе биде добро и за градот и за населените места.

-Вреди да се каже дека покрај тоа што го добива Струмица, ова противпожарно возило ќе им служи и на жителите на Ново Село,Босилово и Василево, заради тоа што нашата противпожарна единица е територијална и го покрива микрорегионот. Задоволство е што практично ја модернизираме противпожарната единица и со добивањето на новите дронови со термални камери за рано откривање на шумски пожари и секако дека со таквата добра соработка заедно со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со сите колеги ќе аплицираме за уште повеќе проекти, пред се финансирани од ИПА Интеррег програмата од Европската Унија, оти на крајот на денот и тоа се бенефитите од Европската Унија, тоа е нештото по кое сите ние како градоначалници аплицираме и се бориме за што повеќе проекти се со заедничка цел подобрување на условите за работа на нашите служби, изјави Костадинов.

Преку овој проект веќе се набавени специјализирани противпожарни возила за ТППЕ Валандово и ТППЕ Гевгелија, а до крајот на проектот предвидено е возило да добие и ТППЕ Радовиш со што регионот ќе биде целосно опремен. рт/мч/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан