• сабота, 23 ноември 2024

Струмица го слави големиот успех на најдобрите македонски фудбалери

Струмица го слави големиот успех на најдобрите македонски фудбалери
Струмица, 12 ноември 2020 (МИА) - Со вклучени сирени од автомобилите, развеани македонски знамиња и скандирања „Македонија, Македонија, Горан Пандев, Горан Пандев“ родната Струмица на македонскиот капитен ја слави големата победа на македонската фудбалска репрезентација против Грузија и пласманот на Европското првенство. Граѓани и членови на навивачката група „Ајдуци“ се собраа во подземната гаража под плоштадот и крстосницата пред ТЦ„Глобал“ и со скандирања и запалени факели го слават историскиот успех на репрезентацијата.
  • Ова е голем успех. Еднаш се доживува Македонија да игра на Европско првенство заедно со најквалитетните репрезентации. Досега немавме за кого да навиваме на големите фудбалски собири, но идната година со срце и душа ќе ја бодриме нашата репрезентација и нашиот Пандев, рече еден навивач.
За Југослав Тренчовски, тренер на ФК „Академија Пандев“, чиј сопственик е Горан Пандев, големиот успех на репрезентативците е и негов најрадосен момент во неговата досегашна фудбалска и тренерска кариера.
  • Нека се радува Македонија, подобро од ова нема. Го имаме Гранде Пандев, го имаме сите херои. Честитки заслужуваат сите и посакувам успех на Европското првенство, рече Тренчовски.
Големата победа ја честиташе и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој меѓу другото напиша:
  • Нашата струмичка гордост, големиот Горан Пандев, докажа дека во Струмица чука големо фудбалско срце. Заедно со него вечерва чукаа и нашите. Ти благодарам Горане, ви благодарам момци-горди сме на вас, стои во честитката од струмичкиот градоначалник. рт/зс/

Остани поврзан