• среда, 25 декември 2024

Стрипови од македонски автори на 13-от Меѓународен Фестивал на стрипови во Краков, Полска

Стрипови од македонски автори на 13-от Меѓународен Фестивал на стрипови во Краков, Полска

Велес, 4 март 2024 (МИА) - Неколкумина млади македонски стрип автори преку нивните стрип цртежи беа претставени на 13-от меѓународен Фестивал на стрипови во Краков, Полска.

Во Краков беа претставени  стрип делата на Ангела Петрушевска, Методија Стојановски, Матеа Аризановска, Славица Купенкова, Ѓоре Ѓелев, како и Војдан Андонов и Цанко Стефанов (од групата ПАРАГОНС).

Како што информира за МИА, Томе Трајков од Македонскиот стрип центар - Велес, присуството на оваа изложба и каталог каде се застапени и македонските уметници со нивните стрип дела, се продукт на соработката започната во август 2023 и гостувањето на стрип уметници од земјите на Вишеград групата на стрип колонијата во Велес.

-Стрип фестивалот во Краков е најголемиот годишен состанок на љубителите на стрипови, илустрации, анимации и други форми на визуелно раскажување приказни во јужна Полска. Програмата на секое издание, па и годинава вклучи атракции за сите возрасни групи: средби со автори, панели за дискусија, предавања, работилници, косплеј шоуа и изложби  на кои беа претставени и македонските стрип автори,а кои го свртеа вниманието на стрип  јавноста во Полска, информира Трајков.

Воедно појасни дека јадрото на програмата на 13-тиот фестивал на стрипови во Краков се состоело од средби со уметници од Полска, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија и Аргентина, како и индивидуални и групни изложби со уметници од целиот свет. Фестивалот бил проследен и со стрип прошетки низ Краков.

Организатори на 13-тиот фестивал на стрипови во Краков биле Здружението на стрипови во Краков, Фондацијата музеј на стрипови и Канцеларијата на фестивалот во Краков - оператор на програмата Град на литературата на УНЕСКО во Краков и палатата Потоцки, а од земјава соработката со нив ја координира Македонскиот стрип центар-Велес. ад/ев/

ФОТО: Фејсбук 

Остани поврзан