• сабота, 28 декември 2024

Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и поддршка за зелени проекти, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја зајакнува соработката со ЕБРД

Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и поддршка за зелени проекти, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја зајакнува соработката со ЕБРД

Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржала средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на која биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.

Како што денеска соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, една од главните теми на состанокот била новата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025–2030 година, која е во фаза на изработка. Оваа стратегија има за цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација, се посочува, се очекува во првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелена економија, одржлива инфраструктура и регионална интеграција.

- ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната поврзаност, се наведува во соопштението.

На средбата било истакнато дека досегашната соработка донела значајни резултати, вклучително и финансиската поддршка за изградба на првите соларни фото-волтаични капацитети во сопственост на ЕСМ, како и проектите за проширување на капацитетите во Осломеј и термоелектраната Битола.

ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар.

Министерството за енергетика и рударство и ЕБРД, се подвлекува во соопштението, остануваат посветени на редовни средби и партнерство со цел остварување на заедничката визија за економски напредок и зелена иднина. цр/ац/

Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан