• петок, 20 декември 2024

Странските туристи годинава ќе придонесат со рекордни 800 милијарди евра во европската економија

Странските туристи годинава ќе придонесат со рекордни 800 милијарди евра во европската економија

Брисел, 11 јули 2024 (МИА) - Туристите од странство кои годинава ја посетуваат Европа ќе потрошат рекордни 800 милијарди евра, што претставува зголемување од 37 отсто во однос на периодот пред пандемијата во 2019 година, соопшти денеска Светската туристичка организација на Обединетите нации.

Организацијата проценува дека бројот на пристигнувања на странски туристи во Европа досега е зголемен за шест отсто во однос на 2019 година, што претставува нов рекорд. Двигателите на овогодинешниот европски туристички бум се Американците, се додава во извештајот, а 72 отсто од туристичките трошоци досега се направени во западноевропските дестинации, според Блумберг.

„Засега, јужноевропските и медитеранските дестинации продолжуваат да бидат главни фаворити за патниците кои ја посетуваат Европа“, рече главниот извршен директор на Европската комисија за патувања, Едуардо Сантандер.

Како што се наведува, забележителен е и бројот на туристи кои бараат помалку посетени европски дестинации и посетуваат земји со постудена клима дури и во текот на летото. Глобалното затоплување и екстремните горештини во земјите од јужна Европа во текот на летото ги менуваат навиките на туристите, кои се почесто летуваат во европските земји со постудена клима.

Минатата година приходите на скандинавските земји од туризмот се зголемија за шест отсто во споредба со 2022 година на 124 милијарди долари, пренесе претходно Блумберг.

Бројот на летните резервации во земјите од Скандинавија е зголемен за 27 отсто во однос на минатото лето, бидејќи резервациите во сместувачките капацитети во Шведска се зголемени за 47 отсто на годишно ниво, а резервациите во Исланд за 49 отсто. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан