• сабота, 28 декември 2024

Стојкоски: Ѓорче ќе биде здрава еколошка средина за живеење, ригорозни казни за непрописно одлагање отпад

Стојкоски: Ѓорче ќе биде здрава еколошка средина за живеење, ригорозни казни за непрописно одлагање отпад
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - Ѓорче Петров ќе биде здрава еколошка средина за живеење, но ќе следуваат и ригорозни казни за непрописно одлагање отпад, најави градоначалникот, Александар Стојкоски.
- Ѓорче ќе биде здрава еколошка средина за живеење. За рекордно краток период е исчистена најголемата депонија во Ново село, која претставуваше опасност и по здравјето на жителите, а сега, следуваат и низа активности за подобрување на комуналниот живот. Поставување на повеќе канти за отпадоци во руралниот дел, нова претоварна станица, зачестени акции за собирање на кабаст отпад, истакна Стојкоски, информираат од општината. По расчистувањето на најголемата депонија, а откако се создаваат нови ѓубришта и покрај апелите од општинските власти, Стојкоски беше дециден дека ќе следува казнување за секој што ќе одлага отпад, со што одново ќе го загадува Ѓорче. - Ќе бидеме ригорозни и во однос на казните за фрлање смет на места кои не се означени за таа намена. Разговаравме и за проекти кои се во тек и кои ќе бидат остварени. Градежните работи за проширување две училишта, нова атмосферска мрежа на „Радушка“ во должина од 1.200 метри, уредување на локалитетот „Крст“ и нова буштина за вода во Кучково е само дел од она што ќе биде реализирано. Се заложивме за системски и трајни решенија кои вродија со плод.  Расчистени се над 11 хектари површина и одложени се над 200 тони градежен смет и шут на еден од повеќедецениските еколошки проблеми не само во Ѓорче туку и во градот Скопје. Целосно го оневозможивме физичкиот пристап до депонијата, ги зголемивме контролните патроли на терен и инспекциските капацитети. Во моментов местото се израмнува со чист хумусен материјал, а следи и преуредување со ново зеленило, рече Стојкоски. Интенцијата, како што потенцира Стојкоски, е Општина Ѓорче Петров во наредниот период да стане еколошки чиста средина за живеење, со чист воздух, почви и води. - Силно сме посветени на животната средина, веќе подигнавме околу 2.000 м2 нови зелени површини на неколку локации, организиравме акции за собирање кабаст отпад, посочи Стојкоски.фф/лв/

Остани поврзан