• среда, 25 декември 2024

Стојковски: ДИЖС постапува исклучиво по насоките на МЖСПП во областа на квалитетот на воздухот кои се единствени официјални извештаи во државата

Стојковски: ДИЖС постапува исклучиво по насоките на МЖСПП во областа на квалитетот на воздухот кои се единствени официјални извештаи во државата

Скопје, 5 јануари 2023 (МИА) - Податоците за среднодневните концентрации на сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид и озон беа во рамките на граничната вредност на сите мерни места во државата, додека пак, податоците за среднодневните концентрации на суспендирани честички со димензија до 10 микрометри биле над рамките на граничната вредност на мерните места Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кичево, Тетово, Гостивар, Прилеп, Охрид, Велес 2, Кавадарци, Струмица и Берово, информираше директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски на денешната прес-конференција.

Посочи дека Државниот инспекторат за животна средина постапува исклучиво по насоките на Министерството за животна средина и просторно планирање во областа квалитет на амбиентен воздух кои се единствени официјални извештаи во државата.

Стојковски информираше дека при извршено мерење на концентрација на прашина со големина на честичките од 10 µm (РМ 10) што се емитираат во животната средина, во деновите 18 и 19 декември 2023 година, од акредитирана лабораторија за животна средина Еуромак – Контрол ДОО Скопје мерењата биле во дозволени гранични вредности.

Директорот посочи дека АД ИГМ Еленица Струмица на 19 декември 2023 година со акредитирана лабораторија за животна средина ЕУРОМАК КОНТРОЛ ДОО Скопје имаат извршено мерења и анализа на концентрациите на загадувачки супстанции и цврсти честички (оџак/емитер) кои се емитираат во животната средина при работа на тунелската печка во АД ИГМ Еленица и резултатите од мерењата извршени од акредитираната лабораторија за животна средина се уште не се доставени до АД ИГМ Еленица Струмица. Додаде дека од 29 декември 2023 година фирмата не работи.

Стојковски истакна дека во Цементарница Скопје е извршен вонреден инспекциски надзор – од континуираниот мониторниг систем е утврдено дека нема надминување на граничните вредности на сите емисиони точки од процесот и котларата. Појасни дека од 1 јануари годинава работи единствено печка бр.4, а печка бр.3 е запрена поради ремонтни активности.

По пријава на граѓанин од Општина Ѓорче Петров, вели Стојковски, утврден е дефект на котел за загревање на просториите во гаражата на ЈСП Скопје во Ѓорче Петров.

-Направен е сервис на котелот за загревање на ЈСП Скопје, и на почетокот на 2024 година се извршени мерења на емисии во воздухот, се очекуваат резултатите. Претходно во гаражата Автокоманда се извршени мерења исто така со акредитирана лабораторија за животна средина и е утврдено дека нема надминување на ГВЕ, рече Стојковски. ра/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан