Стојаноски: Креираме буџет кој ќе финансира директни инвестиции кои се конкретно видливи и создаваат додадена вредност
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 19 ноември 2024
Во емисијата „Утринско еспресо“, на Радио Лидер утрово се дебатираше на актуелни економски теми или поконкретно како ќе се трошат народните пари, при што свој осврт и видување даде пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој јасно прецизира дека за разлика од минатиот период во кој доминантни компоненти беа корупцијата и дузина негативни ситуации кои кај граѓаните создаваа едно негативно чувство кога станува збор за менаџирањето со јавните финансии, сега актуелната Влада, прави една промена и изготвува економски документ кој комплетно ќе ја промени нашата економска филозофија.
„Овој пат ние одлучивме да направиме еден програмски документ, односно крвна слика на нашата економска филозофија и комплетно да ја промениме. За прв пат можеби, од поодамна, да биде буџет кој ќе финансира директни инвестиции коишто прво ќе бидат конкретно видливи, а потоа ќе создаваат додадена вредност“, потенцира Стојаноски.
Според него граѓаните не треба да слушаат што се зборува, туку едноставно да гледаат по актите и постапките како се однесуваат политичарите. Во овој контекст напоменува дека споредено со првите квартали од оваа година кога економскиот раст изнесува само 1%, што би се остварил, пластично кажано без никаква активност и заложба од страна на владините функционери кои и онака немаа помрднато со прст, во третиот и четвртиот квартал пак, се очекува раст од 2,5% односно 3% соодветно.
„Во наредните три месеци од новата година 350 милиони евра ќе бидат веќе ефектуирани во општините, а тие 830 милиони евра капитални инвестиции кои се врзани за капитални инвестиции ќе се интензивираат како што се интензивираа во последниве шест месеци и имаме намера со покачување на платите и пензиите да ја поттикнеме потрошувачката. Понатаму, тие инвестиции што ги договори Владата, досега се осум, овој месец ќе склучат договор со уште две и декември со уште две, барем за сега тоа е договорено како пакет потпишано и заклучено. Значи, дванаесет инвестиции ќе отпочнат со сериозни градежни активности во првите три месеци наредната година и затоа и на тоа ние го темелиме растот“, појаснува Стојаноски.
Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива