• понеделник, 30 декември 2024

Стојаноска: Во македонското здравство нема никаков напредок, граѓаните немаат доверба

Стојаноска: Во македонското здравство нема никаков напредок, граѓаните немаат доверба

14 ноември 2023 

Почитувани,

Годинешниот извештај за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија го потврди фактот дека македонското здравство веќе го пробива дното.

Како и во многу области, така и во македонското здравство нема никаков напредок, односно, наместо подобрување на здравствените услуги, секојдневно гледаме скандали, криминал и корупција во здравствениот систем.

Најпрво, сакам да потенцирам дека загрижувачки е податокот што продолжува трендот на недостаток на соодветен медицински кадар во јавното здравје.

И понатаму недостасуваат одредени специјалисти. Односот на лекарите и медицинските сестри на 100.000 жители продолжува да биде под просекот на ЕУ, а медицинскиот персонал, медицинските сестри и специјалистите продолжуваат да го напуштаат јавниот здравствен сектор, за да работат или во приватен сектор или во странство.

Дополнително, недостига се’опфатен и проактивен пристап за скрининг за рак, а и финансирањето за скрининг за рак е недоволно. По притисокот на јавноста, финансирањата за ретки болестите донекаде се зголемени, но не доволно, за да се покријат трошоците за медицински третман на сите регистрирани пациенти. Тука највеќе се мисли на пациентите со цистична фиброза, на кои што, и покрај протестите и целиот притисок од јавноста, се’уште во целост не им е обезбеден лекот Трикафта.

Исто така, сведоци сме и на немањето на соодветна терапија за пациентите со дијабетес кои што исто така протестираа и бараа од државата навремено да се обезбедува инсулинска терапија и се’ друго, што им е потребно за нормално функционирање.

Нема напредок во здравата средина. Беа направени одредени напори во однос на борбите против здравствените нееднаквости, особено за луѓето кои живеат во сиромаштија и луѓето кои живеат во оддалечени области, иако тие беа предводени од меѓународни организации и невладиниот сектор, наместо од здравствените власти.

Националната стратегија за спречување на корупцијата идентификуваше дека здравствениот сектор и инспекторатите се ранливи на корупција, особено затоа што не постојат ефективни критериуми за утврдување на цените на здравствените услуги или на лековите. Процедурите за лекување во странство се нетранспарентни и необјективни. Инспекторатите, надлежни за надзор на пазарот и безбедноста на производите, имаат нејасни и преклопувачки јурисдикции и несоодветен персонал.

Ова е резултат од скандалот на Онкологија, за кој што, иако имавме ветувања дека овој случај ќе се реши, се’уште нема одговорност за никого и гледаме дека властите прават се’ за овој случај да се турне под тепих, за на крај пак да се излезе со некој заклучок од типот „кабелот е крив“.

После вакви скандали и ваков негативен извештај, не е ни чудо што граѓаните немаат никаква доверба во здравствениот систем, односно оставени се да се снаоѓаат како знаат и умеат и да трошат многу пари по приватни клиники, барајќи спас, додека средствата кои што им се запираат за здравствена заштита од државата, не им гарантираат ни најмалку сигурност.

Здравството е една од најбитните гранки во општеството. Нема ниту нова современа опрема, а и таа што ја има - собира прашина во некои подруми и не се користи. Кадар нема, а на младите доктори и останатиот медицински кадар прва опција им е да заминат во странство, бидејќи условите во кои би работеле и финансискиот надомест кој за тоа би им бил платен во Македонија, не е ниту приближен до стандардот на оние во државите од Европската Унија.

Здравството мора да биде носител на здрава и просперитетна нација, а со оваа власт се наоѓа на дното и е извор на криминал, корупција и афери.

Ви благодарам. 

Изјава за медиуми на Дафина Стојаноска, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан