• сабота, 16 ноември 2024

Стојанов: Динамиката на решавање на проблемите на граѓаните не зависи само од Општина Неготино

Стојанов: Динамиката на решавање на проблемите на граѓаните не зависи само од Општина Неготино

Неготино, 26 април 2023 (МИА) - Динамиката на решавање на проблемите на граѓаните не зависи само од Општина Неготино, напиша денеска на својот Фејсбук профил,  градоначалникот Горан Стојанов.

- И покрај најдобрите и искрени намери како градоначалник, Совет на општината и локална администрација, секогаш и во секое време да им излеземе во пресрет на барањата и потребите на граѓаните на општина Неготино, за брзо и ефикасно решавање на нивните проблеми, не секогаш локалната самоуправа е главниот фактор, од кој исклучително зависи спроведувањето на одредена постапка. Ја прифаќаме одговорноста и отворени сме за критики, не и критизирање, ако решавањето на одреден проблем на граѓаните, зависи само од локалната самоуправа и во овој случај подготвени сме со координирани активности да пристапиме кон решавање на истите, нагласи Стојанов.

Но, додаде, граѓаните треба и мора да знаат дека не секогаш динамиката на решавање на нивните проблеми зависи само од Општина Неготино. Голем број постапки и активности, подвлече, меѓу кои и пренамената на земјоделско во градежно земјиште која е актуелна деновиве, се поврзани со постапувањето на други институции и установи, па така, ако одредена постапка или проект заглави во нив, и локалната самоуправа не може да продолжи со реализацијата на активностите.

- Во случајов, се бара мислење од одредена институција со законски рокови до кога треба да одговори на истото, потоа следуваат барања до министерства и други установи за истата проблематика и ако во само една од нив се закочи постапката, и ние како локална самоуправа сме немоќни да продолжиме со решавање на одредени прашања. Така што, слободно можам да кажам дека сѐ она што како активност зависи од Општина Неготино, ќе биде спроведено во најкраток можен рок, сѐ во интерес за навремено, брзо и ефикасно решавање на проблемите на граѓаните, напиша Стојанов. свд/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан