• вторник, 24 декември 2024

Стојановски: Опозицијата која до вчера беше на власт не ги спроведе работите што сега амандмански ги бара со Буџетот за 2025

Стојановски: Опозицијата која до вчера беше на власт не ги спроведе работите што сега амандмански ги бара со Буџетот за 2025

15 ноември 2024

Во текот на наредните 10тина денови Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува првиот Буџет на новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во текот на овие неколку месеци направивме огромни напори да ја консолидираме државата со оглед на состојбата која ја затекнавме во делот на инфраструктурата, здравството, енергетиката, безбедноста, јавната администрација и буквално секој еден сегмент од централната власт. 

Со Буџетот се предвидени значителни средства за покачување на плати во вкупен износ од 10 милијарди денари повисоко отколку во 2024 година, а особено кај помошниот здравствен персонал, образованието во сите степени, од основно до високо образование, но пред се почитувајќи ги превземените обврски согласно потпишаните колективни договори. Покрај зголемувањето на платите, со буџетот е предвидено и второто зголемување на пензиите почнувајќи од март за над 330 илјади пензионери во износ од 2.500 денари. Со ова го исполнуваме предизборното ветување за раст на пензиите за 5.000 денари линеарно за секој пензионер во првата година од мандатот.

Со Буџетот за 2025 година издвоени се рекорден износ за капитални инвестиции, а Македонија ќе биде претворена во градилиште. Ќе реализираме огромни инфраструктурни проекти во патна и енергетска инфраструктура, но и ќе дадеме нови 250 милиони евра за општините за граѓаните одблиску да ги видат придобивките. Секако предвидовме и поддршка за домашниот приватен сектор со вбризгување на 250 милиони евра по најповолни услови. Со овие средства се очекува трансформација на приватниот сектор и драстично зголемување на конкурентноста и продуктивноста што ќе доведе до подобар пласман на македонските производи на странските пазари. 

Ќе се соочиме со бројни предизвици, но ние сме се подготвени да ја испорачаме програмата за која граѓаните ни дадоа поддршка. Доказ за ова се макроекономските проекции кои се очекува да се остварат во текот на идната година. 

1. Нема веќе двоцифрена стапка на инфлација. Ова прашање беше актуелно во изминатите три години и многумина домаќинства драстично беа осиромашени од секојдневното покачување на цените. Во 2025 година се враќаме на нормални стапки. Според проекциите инфлацијата ќе биде на ниво од 2,2%, пред се како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи. Ќе воведеме новогодишен пакет на прехранбени производи, а според најавите од Владата ќе има такви мерки и во други различни периоди од годината.

2. Забрзување на економскиот раст на економијата е од суштинско значење. Владеењето на СДСМ беше одбележано со низок раст од 1,6%, период во кој нашите соседи остварија двојно повисоки стапки на раст. Ќе работиме напорно за да ја раздвижиме македонската економија. Во 2025 година економскиот раст се очекува да биде 3,7% во услови на значителен раст на инвестиции во јавниот и приватниот сектор, солидно зголемување на потрошувачката и закрепнување на надворешната побарувачка. 

3. Стапката на невработеност паѓа и прашање на време е кога во текот на овој мандат ќе биде под 10%. Предвидувањата се дека во 2025 година ќе има раст на бројот на вработени како резултат на зголемување на капацитетот на постојните и прилив на нови странски инвестиции, активни мерки и програми за вработување, како и поддршката за домашните фирми за отворање на нови работни места.

Почитувани, 

Во текот на следните денови ќе ги вкрстиме аргументите со опозицијата за тоа што се предвидува со Буџетот за 2025 година и зошто кога тие беа до вчера на власт не ги спроведоа работите што сега амандмански ги бараат. Во опозициските редови има 10тина министри кои можеа во изминатите години да направат нешто за доброто на сите нас, но тие избраа криминал, корупција и лично богатење и затоа се таму каде што ги пратија граѓаните, во опозиција.

Интегрален текст од изјава за медиуми на Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан