• сабота, 27 јули 2024

Стојановски: Интегрирањето на безбедносни агенции може да биде добро решение, но реформи во безбедносниот сектор да се прават осмислено и професионално

Стојановски: Интегрирањето на  безбедносни агенции може да биде добро решение, но реформи во безбедносниот сектор да се прават осмислено и професионално

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Интегрирањето на  безбедносни агенции може да биде добро решение,  бидејќи тоа ќе покаже поголем интегритет и подобри перформанси, но реформите во безбедносниот сектор мора да се прават осмислено и професионално и со користење на компаративни искуства, изјави професорот на Факултетот за безбедност УКЛО-Битола Трпе Стојановски, пред почетокот на сесијата на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Преку професионалност и интегритет до транспарентност и отчетност во полициското работење“.

– Моето мислење во таа насока е дека тоа исто така може да биде добро решение. Значи, имаме искуства коишто говорат и за позитивни решенија каде особено малите земји се интегрираат во делот на безбедносната заедница повеќе безбедносни семејства едноставно се соединуваат за да покажат поголем интегритет, подобри перформанси. Меѓутоа, тоа не значи дека постојното решение е лошо. Треба да се направат анализи со коишто ќе се дојде до оптимално решение, вели Стојановски.

Меѓутоа, според него, она што особено сега пред новата Влада мора да биде разбрано, е дека кога ќе се влезе во процес на реформи тие треба да се направат целосно затоа што најчесто досега се случуваа реформи коишто ќе тргнеа донекаде, меѓутоа не се комплетираа.

-Тоа особено можам да го потенцирам претходно кога се издвои АНБ од МВР каде што се направија добри решенија меѓутоа не до крај и особено во делот на надзорот и контролата и внатрешната и надворешната која што од некои причини не се случи со Законот за национална безбедност во делот на Оперативната агенција. Тоа е едно од подобрите решенија и тука може да се користат искуства за проекти коишто се потребни и се комплетирани, вели Стојановски.

Оцени дека треба осмислено и професионално да се влезе во промените во безбедносниот сектор.

-Осмислено и професионално да се влезе во промените коишто се очекуваат, бидејќи ако тоа не биде добро направено, ако се прави под одвишен политички притисок тогаш едноставно нема да имаме успешни решенија. Идејата не е лоша, меѓутоа да биде добро осмислена и добро да се направи особено со користење на компаративни искуства и секако Европската комисија која што ни е главен партнер во тој дел. Решенијата коишто ќе поминат да бидат верификувани, заклучи Стојановски.

Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција.

- Да, точно, тоа е планот и тоа е дел од Програмата за работа на оваа Влада. Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во Парламентот, изјави Мицкоски.

Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји - членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан