• среда, 25 декември 2024

Стотици Палестинци протестираа по смртта на критичарот на палестинските власти

Стотици Палестинци протестираа по смртта на критичарот на палестинските власти
Ерусалим, 24 јуни 2021 (МИА) - Стотици демонстранти денеска се собраа во градот Рамала на Западниот брег и се обидоа да се приближат до седиштето на палестинските власти извикувајќи „Луѓето сакаат пад на режимот“, поради смртта на еден активист, критичар на режимот, по насилното апсење.
Палестинските безбедносни сили ги растераа демонстрантите во Рамала со солзавец и ги тепаа со пендреци.
Активистот Низар Банат почина откако припадници на палестинските безбедносни сили го уапсија утрово и го претепаа со железна шипка, соопшти неговото семејство.
Банат ги критикуваше палестинските власти, кои контролираат делови од Западниот брег, и ги повика западните земји да им ја одбијат помошта поради авторитаризмот и кршењето на човековите права.
Стотици луѓе излегоа на улиците на Западниот брег кога слушнаа за смртта на активистот. Неговиот роднина Амар Банат изјави дека 25 припадници на палестинските безбедносни сили упаднале во куќата во која бил Низар Банат и го претепале.
Во краткото соопштение од округот Хеброн се наведува дека здравјето на Низар се влошило кога палестинските сили дошле да го уапсат и дека тој бил пренесен во болница каде подоцна било објавено дека починал.
Претставници на Европската унија и ОН повикаа на независна истрага за инцидентот, а палестинскиот премиер Мухамед Штајех објави дека е формирана истражна комисија. паг/
 

Остани поврзан