• вторник, 24 декември 2024

Стотици лица протестираа во Дака против насилството врз хиндусите во Бангладеш

Стотици лица протестираа во Дака против насилството врз хиндусите во Бангладеш

Дака, 9 август 2024 (МИА) - Стотици лица денеска протестираа во Дака против насилството врз хинду малцинството во Бангладеш, откако поранешната премиерка Шеик Хасина Вазед на почетокот на неделата поднесе оставка и побегна од земјата, јавија британските медиуми.

Едно лице беше убиено, а најмалку 45 други се повредени во домовите, фирмите и храмовите на хиндусите во областите со мнозинско муслиманско население откако Шеик Хасина во понеделникот поднесе оставка.

Демонстрантите, од кои некои носеа транспаренти со кои бараат заштита на малцинствата во Бангладеш, извикуваа слогани „кои сме ние Бенгалци, Бенгалци“ и повикаа на мир додека денеска блокираа крстосница во главниот град Дака.

Хиндусите сочинуваат околу осум отсто од населението на Бангладеш кое брои 170 милиони жители, каде што исламот е најраспространета религија. Тие традиционално ја поддржуваат главно секуларната партија „Лига Авами“ на Шеик Хасина, која предизвика гнев во јавноста по насилните судири меѓу демонстрантите против системот на квоти за владини работни места и безбедносните сили минатиот месец.

Илјадници хиндуси од Бангладеш се обидуваат да побегнат во соседна Индија за да го избегнат насилството. Индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, вчера повика на социјалната платформа X за „безбедност и заштита“ на хиндусите и другите малцинства во Бангладеш.

Новиот привремен премиер на земјата, Мохамед Јунус, вчера откако положи заклетва во видео-обраќање изјави дека целта на неговата влада ќе биде да обезбеди „демократија, правда, човекови права и целосна слобода на изразување без страв“ за сите.сд/

фото: Х

Остани поврзан