• недела, 24 ноември 2024

Стотина трактори чекаат да бидат легализирани, половина од нив во Тиквешко

Стотина трактори чекаат да бидат легализирани, половина од нив во Тиквешко
Кавадарци, 28 февруари 2023 (МИА) - Околу стотина трактори и земјоделска механизација чекаат да бидат легализирани, педесетина од нив се во Тиквешко, потврди за МИА, Трајче Кулев, претседател на регионалното здружение „Напредни лозари“ со седиште во Кавадарци. 
 
- Станува збор за трактори, тракторски приколки и друг вид земјоделска механизација, купувани низ годините, а никогаш досега не биле регистрирани и не поседуваат сообраќајни дозволи. Деновиве собираме потписи од земјоделците коишто имаат ваков проблем. Откако ќе ги собереме потписите и ќе имаме точна бројка на земјоделска механизација што треба да биде легализирана, за да може слободно да се движи до земјоделските имоти и назад, ќе притискаме кај надлежните, проблемот да биде надминат. Според нашите информации, расположение за вакво нешто има и надлежните државни структури веќе работат на надминување на проблемот, појасни Кулев. 
 
Тој потсети дека во изминатиот период, имало можност за легализација. Но, сепак, од најразлични причини, дел од тракторите и другите приклучни земјоделски машини, останале без соодветни документи и нелегализирани. свд/ар/
 
Фото : од Кулев со дозвола за МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан