• среда, 27 ноември 2024

Стопанските комори на Западен Балкан со апел до владите за воспоставување „зелени линии“ за брз проток на работници

Стопанските комори на Западен Балкан со апел до владите за воспоставување „зелени линии“ за брз проток на работници
Белград, 24 октомври 2020 (МИА) - Стопанските комори на сите шест економии од Западен Балкан, членки на Коморскиот инвестициски форум, во заедничко писмо до премиерите, ги повикаа владите на Западен Балкан, во услови на заострени епидемиолошки мерки, да постигнат заеднички договор, со кој, според углед на „зелените коридори“ за стоки, ќе се воспостават „зелени линии“ за непречено движење на бизнисмени и нивните работници кои поради својата работа мораат да патуваат и да престојуваат во други земји во регионот, јави дописникот на МИА од Белград. - Нашата цел е да го олесниме взаемното работење на нашите компании, да ги намалиме нивните трошоци и да им овозможиме навремено да ги извршуваат своите деловни активности во регионот и да ги исполнуваат своите договорни обврски, така што не само сопствениците и менаџерите, туку и вработените во нивните компании мора да патуваат и привремено да престојуваат во други земји во регионот, изјави претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) и на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, Марко Чадеж. Како што соопштија од ПКС, претседателите на стопанските комори на сите шест економии од Западен Балкан, членки на заедничката регионална комора, во име на околу 350.000 компании што ги застапуваат, им предложија на владите, со заеднички договор и протоколи, да воспостават изедначени и поедноставени правила и процедури, валидни низ целиот регион, со кои ќе се регулираат сите прашања поврзани со прекугранично патување и престој на бизнисмени и нивни работници, инженери и други вработени, кои, заради извршувањето на работата, компаниите ги испраќаат во други земји од Западен Балкан. Според Чадеж, ова не е повик за изземање на бизнисмените и нивните вработени да не ги почитуваат заштитните мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, кои беа воведени од европските и регионалните земји и кои веројатно ќе се заоструваат со влошување на состојбата, туку да се најде начин границите да се поминуваат полесно и побрзо, по пристигнувањето во друга земја што е можно побрзо да ја завршат својата работа и да се вратат назад, објаснува Чадеж. Потребата да се пропишат посебни правила и процедури за стопанството, единствени во целиот регион, кои ќе го олеснат бизнисот и ќе го забрзаат движењето на бизнисмените и нивните работници, Чадеж го илустрира со конкретни примери од практиката: - Ако фирма од Србија, на пример, испрати работници во Црна Гора или Албанија и обратно, или од Македонија во БиХ за да завршат некоја работа во друга земја за еден ден или два и ако најпрво треба да се оди во десетдневен или двонеделен карантин, тоа сериозно го ограничува бизнисот и создава дополнителни трошоци за бизнисмените. Да не ги спомнуваме итните ситуации во кои компанијата од една во друга земја мора итно да отстрани некој дефект во фабрика, поради што производството е прекинато и што може да ја загрози безбедноста на луѓето или да инсталира опрема од која зависи завршувањето на инвестицискиот проект или испорака на договорени количини на стоки до партнери на трети пазари. об/

Остани поврзан