• сабота, 28 декември 2024

Стопанска комора: Покрај во нови технологии компаниите ќе мора да инвестираат и во еколошки стандарди

Стопанска комора: Покрај во нови технологии компаниите ќе мора да инвестираат и во еколошки стандарди

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) – Македонските компании покрај во нови технологии ќе мора да инвестираат и во еколошки стандарди и да ги воведат во своето работење доколку сакаат да бидат конкурентни и успешни и на европскиот пазар, сметаат од Стопанската комора.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција на комората на тема „ЕУ интеграции  – еколошки стандарди за животната средина во компаниите-услов за влез, препознатливост и конкурентност на европскиот пазар“, воведувањето на еколошките стандарди е во фокусот на политиките на Европската Унија и заради тоа македонските компании покрај во нови технологии ќе мора да инвестираат и во заштитата на животната средина.

Станува збор за стандарди за заштита на животната средина кои дефинираат системи за управување или тим-менаџмент системи кои како алатки за подобри процесни перформанси во голема мера ќе придонесат за континуирано унапредување на работата на секоја компанија. ИСО 9001 стандардот организира процес на прикажување на активностите на една компанија, ИСО 14001 настојува тие активности да се контролираат и да немаат негативно влијание врз животната средина, ИСО 45001 вели дека вработените се најголемиот капитал на една компанија и дека таа внимава на нив и настојува да работат во здрава работна средина, ИСО 22000 кој потврдува производство на безбедна храна.  

За жал во земјава не постои еден национален регистар преку кој може да се види конкретната бројка на компании коишто ги имаат имплементирано стандардите.

-Комората си води сопствен регистар според кој некаде околу 160-170 компании го имаат имплементирано основниот стандард ИСО 9001. Мал е бројот на компаниите кои го имаат имплементирано стандардот  ИСО 14001. Сега за сега манипулираме со бројот 20-ина компании, меѓутоа интересот станува се поголем и поголем. Очекуваме таа бројка да расте, рече Емилија Тодоровска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.

Посочи дека за имплементирање на овој стандард се неопходни околу шест месеци, а чинењето на оваа активност е транспарентно и во согласност со тарифник.

-Нашите компании не е дека не се заинтересирани за воведување на овој стандард, туку малку се и уплашени од неговата примена. Ги охрабруваме да го воведат и кажуваме дека имплементацијата на сите тие специфични барања со правилна методологија воопшто не се оптоварување во работењето на компанијата и не би требало никој да се плаши да воведе стандард. Напротив, треба да биде алатка за подобрување на сопственото работење, посочи Тодоровска.  

Како што нагласи стандардот ИСО 14001 е потреба и услов за компаниите да го потврдат сопственото место во бизнис околината, да го издигнат својот имиџ, односно местоположба во бизнис светот и да бидат застапени и конкурентни на бизнис пазарите во и надвор од сопствената земја. вј/aa/

Фото: МИА

 

Остани поврзан