• среда, 18 декември 2024

Стопанска комора: Новиот закон за работни односи треба да биде приспособен на модерните текови на пазарот на трудот

Стопанска комора: Новиот закон за работни односи треба да биде приспособен на модерните текови на пазарот на трудот

Скопје, 14 февруари 2023 (МИА) – Новиот закон за работни односи треба да биде приспособен на модерните и идните текови на пазарот на трудот и да придонесе за подобрување на генералните состојби во стопанството и во државата, смета Стопанска комора.

Во фејсбук-статус од комората порачуваат дека во периодот што претстои многу јавно и транспарентно ќе говорат за новиот закон за работни односи.

- До Владата и до Министерството за труд и социјална политика денеска доставивме мислење по работната верзија на законот со коментари и конкретни предлози напишани на 47 страници. Важечкиот Закон за работни односи во изминатите години често се менуваше. Беше донесен на 28 јули 2005 година, кога министер за труд беше Стевчо Јакимовски, и од тогаш до денес е менуван дури 26 пати. Има уште 13 одлуки на Уставен суд со кои се укинати некои членови од Законот. Така што се создадени сите услови за ново законско решение. Дополнително, работните односи помеѓу работодавачот и работникот се доста променети за разлика од минатото. Целта на работодавачите е да ги задржат и дообучат своите квалитетни работници, како и да придонесат за подобрување на нивниот личен живот, велат од Стопанската комора. 

Додаваат дека ни е неопходен закон кој односите меѓу работниците и работодавачите нема да ги гледа низ призмата на спротивставени страни, туку на партнери кои заеднички делуваат кон остварување на своите интереси.

- Интересите на работодавачите за зголемување на продуктивноста на работниците, поголема конкурентност и профитабилност на компаниите, и интересите на работниците за соодветно валоризирање на сработеното и остварување повисоки примања, прецизираат од Стопанската комора. вј/нд/

Остани поврзан