• среда, 25 декември 2024

Стопанска комора: Власта е најголем подмитувач на бизнисот, на пет компании им биле побарани преку 100 000 евра

Стопанска комора: Власта е најголем подмитувач на бизнисот, на пет компании им биле побарани преку 100 000 евра

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - Централната власт е најголем подмитувач на бизнисот. Најчесто се обидува да го корумпира индиректно, а главно му бара пари, процент од тендери, нечие вработување или унапредување, донација за политичка партија, подароци или услуги. Повеќето компании тоа не го пријавуваат, дел сметаат дека ќе пропаднат, а дел не веруваат дека ќе има каков било ефект. Ова го покажува анкетата што ја спроведе Стопанската комора во март годинава, а се однесува на 2023 година.

Според податоците, на пет компании им биле побарани преку 100 000 евра, а на другите од кои исто така се барале пари, 1 000 - 10 000 евра. Од некои, пак, што учествувале на тендер, се барале 6 - 10 отсто од износот на тендерот. 

Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто еднаш. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено во постапка на Јавното обвинителство или кога некој вршел ревизија, во такви случаи немало нудење мито.

Од оние компании што не прифатиле коруптивно барање, 48 проценти рекле дека имале последици врз бизнисот. Тоа било најзиразено преку пролонгирање на нивните активности.

-Според 78 отсто од компаниите коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 процента, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска,... Две третини од компаниите се соочиле индиркетно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Но, од 51 одговор, 31 компанија рекла дека ништо не презела. Дел велат дури и „нормално е нешто да се даде“, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. Според компаниите, нема пречки за да пријават корупција, меѓутоа некои не веруваат дека ќе има каков било ефект, а некои се плашат дека тоа ќе има последици врз нивното работење. Многу малку од оние што се соочиле со корупција, пријавиле, се бројат на прсти, рече потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.

Согласно анкетата, 30 проценти од компаниите сметаат дека ќе пропаднат ако не прифатат мито, 35 отсто велат дека прифаќањето би им помогнало, но и дека нема да пропаднат ако не прифатат, додека 30 проценти оценуваат дека нема никакво значење дали ќе прифатат мито или не.

- Повеќето компании мислат дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. Вкупно 42 одговори од компаниите биле дека нема ефикасна заштита за оние што пријавуваат мито, а 23 одговори рекле дека се ниски платите на службениците во јавниот сектор, што, според приватниот сектор, е една од причините зошто има корупција, истакна Јовановски.

За 83,3 отсто од компаниите корупцијата е еден од најголемите проблеми во земјата кои мора веднаш да се решат, а 96 проценти веруваат дека може да има успех во борбата против корупцијата. 

-Дел од компаниите предлагаат да се зголемат казните за коруптивните дела, Јавното обвинителство да има обврска во разумен рок да се произнесе за пријавите кои ги добива од Антикорупциската комисија, да се зголеми свесноста на сите граѓани и да се зголеми интегритетот во работењето на бизнисот, дополни Јовановски, додавајќи дека компаниите би прифатиле кодекс на етичко однесување кој би го изработила Комората, а би потпишале и декларација за етички принципи.

Тој најави дека Стопанската комора во наредните 12 месеци, во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, ќе потпише меморандум за соработка со Антикорупциската комисија, ќе реализира обуки и работилници за компании и ќе изготви кодекс за етичко однесување.

Анкетата е спроведена во март, електронски, а се однесува на 2023 година. Одговориле 138 компании, од кои 75 целосно, на сите прашања. Седиштата на компаниите кои одговориле, се во 25 општини низ државата, главно урбани, а работат во 48 дејности. Две тртетини се фокусирани на домашниот пазар, а една третина се извозници, но вклучени биле и фирми кои не се членки на Комората. мч/ев/

фото/видео: МИА

Остани поврзан