• сабота, 28 декември 2024

Стопанската комора очекува од Фискалниот совет независност во оценувањето на фискалните политики на државата

Стопанската комора очекува од Фискалниот совет независност во оценувањето на фискалните политики на државата

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Стопанската комора очекува од Фискалниот совет независност во оценувањето на фискалните политики, што ќе придонесе финансиите на државата да се водат на разумен, евидентен и долгорочно одржлив начин. Ова го истакна Зоран Јовановски потпретседател на Стопанската комора и советник на претседателот на Комората Бранко Азески по средбата на Азески со членовите на Фискалниот совет, новоформирано независно тело, кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјата.

-Денеска се реализираше средба помеѓу Стопанската комора на Северна Македонија и новоформираниот ФС. Формирањето на Фискалниот совет го перцепираме како исклучително важно бидејќи тоа е системско решение. Од членовите на Фискалниот совет,  покрај нивната докажана стручност, очекуваме независност во оценувањето на фискалните политики. Сметаме дека тоа многу ќе придонесе да се објективизира дискусијата во општеството кога разговараме за тоа колку се здрави финансиите на државата. Тоа е важно затоа што на тој начин ќе придонесеме сите финансиите на државата да се водат на еден разумен, евидентен и долгорочно одржлив начин. Зошто е тоа важно. Затоа што кога зборуваме за финансиите на државата, не зборуваме само за постојните генерации, зборуваме за идните генерации, рече Јовановски.

Тој додаде дека тема на разговор биле и неколку конкретни прашања, како потребата да се помогнат инвестициите на приватниот сектор, да се реализираат капиталните инвестиции на државата, да се зголеми предвидливоста на економскиот амбиент, и се разбира, пред да се размислува за какви било промени кај даноците, како што вели, да се направат суштински, длабоки напори во насока на сузбивање на сивата економија. 

Претседател на Фискалниот совет Глигор Бишев изјави дека средбата е во рамки на отпочнатото конституирање на Советот и во фаза на екипирање на неговите стручни служби.

-Имајќи предвид дека во фаза е подготовка на буџетот за наредната година, ние почнавме да остваруваме средби како со академската јавност, со институциите како Народна банка на Македонија, со Министерството за финансии, со ММФ, со Светска банка, за да ги добиеме нивните впечатоци, за случувањата во македонската економија, за да се проценат објективноста на претпоставките врз кои би се градел буџетот за 2024 година, рече Бишев.

Тој се надева дека екипирањето на ФС со стручните служби, би го завршиле помеѓу првиот и вториот квартал, наредната година, за што имаат рече, имаат одобрено техничка помош од Европската комисија и Светска банка

-Со сите институции со коишто се сретнавме ја имаме поддршката. Она каде што доаѓаат најжешките информации се од коморите, бидејќи тие се првите, компаниите што ги чувствуваат промените како во меѓународното опкружување, така и дома. Треба да знаеме дека Македонија стана една од најотворените економии на Западен Балкан, со 160 проценти надворешна трговска размена во однос на БДП, и од тој аспект се што се случува во меѓународното опкружување веднаш се ефектуира тука. Се надеваме дека ќе имаме плодна соработка со сите институции, со сите економски чинители.  ЕК и СБ одобрија техничка помош и во наредниот период исто така ќе не поддржат и ќе ни помогнат да изградиме навистина ефективен Фискален совет кој согласно законските одредби ќе го даде својот придонес за добробитот на РСМ, рече Бишев и најави средби со сите економски чинители.

Фискалниот совет е независното тело кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава. Формирањето на Фискалниот совет е согласно реформскиот Закон за буџети, а првиот состав на советот го сочинуваат Глигор Бишев кој е негов претседател и академик Абдулменаф Беџети и Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ како членови. вг/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан