• сабота, 23 ноември 2024

Стопанската комора бара сообраќајните и возачките дозволи да важат до рокот до кога се издадени  

Стопанската комора бара сообраќајните и возачките дозволи да важат до рокот до кога се издадени  

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) – Стопанската комора во текот на денов ќе достави писмо до Собранието, Владата и Министерството за внатрешни работи со иницијатива да се изменат потребните закони и да се донесе времена мерка со која во државата ќе се продолжи важењето на возачките и сообраќајните дозволи до рокот до кога важат со старите обрасци. Во спротивно ќе се парализира транспортниот сообраќај во земјава, предупредуваат од Стопанската комора.

Како што истакна денеска извршниот директор на Комората Антони Пешев во одговор на новинарско прашање на Петтата седница на Националниот совет за извоз (НСИ) што се одржува во просториите на Комората, најмалку 100-тина компании се јавиле во Комората и прашале што да се направи со овој проблем. Поддржуваат, рече, секаква добра иницијатива која може да се спроведе и ако е потребно да се реализира на вонредна седница на Собранието со само една точка на дневен ред со цел да се овозможи нормално функционирање на државата. Во спротивно, како што посочи, ќе се доведеме во непријатна состојба голем дел од граѓаните да бидат казнети.

-Треба да направиме се барем во државата да функционира системот, а за меѓународниот сообраќај досега немам сигнали дека тоа би можело некако да се заобиколи. Сигурно не можеме да излеземе надвор од обврските што ги презела државата во меѓународниот сообраќај. Како Комора сме подготвени да понудиме комплетна поддршка на било која иницијатива, дури и да финансираме дел од воспоставување на нови места на кои би се издавале тие дозволи и би се овозможило сликање, подготвување приоритетна листа, анализа кому се е потребно и да се договориме со Владата барем за сообраќајните и возачките дозволи да се направи брза линија за нивно издавање, рече Пешев.

Во целокупниот контекст на замена на документите, како што посочи, некако на страна бил оставен елементот на возачките и сообраќајните дозволи.

-Има значаен број на субјекти кои имаат нови дозволи меѓутоа издадени на стари формулари што за нас е некоректна ситуација. Загрижува што огромен дел од компаниите имаат проблеми во локалната национална дистрибутивна шема што ја имаат, а не само за излез надвор и што ги задира овој проблем, потенцира Пешев.  

Оцени дека е задоцнета ваквата иницијатива на Комората и додаде дека сепак немале впечаток колкав може да биде проблемот со сообраќајните и возачките дозволи, бидејќи овој сегмент бил оставен на страна и вниманието било фокусирано на личните карти и пасошите.

-Мислевме дека голем дел од сообраќајните и возачките дозволи се веќе заменети, бидејќи се менуваат почесто отколку другите лични документи, но се покажа дека не се заменети или и новите се издадени на стари формулари. Затоа цениме дека треба да се направат што е можно повеќе напори таа работа да не ескалира во тотална блокада на сообраќајот. Ние како Комора немавме информации за тоа колкав е овој проблем и ќе направиме се што можеме за да се олесни процесот за да не се доведеме до блокади на сообраќајот. Да знаевме каква е состојбата порано ќе реагиравме, рече Пешев.   

Проблемот со налепниците НМК на таблиците, пак, го оцени како исклучително маргинален.

-Ако за дозволите имаме процес на евиденција со отисок или било што друго, проблемот со налепниците е маргинален во овој момент. Се нудиме да го изработиме тоа за сите наши членки и за транспортот во економијата. Се согласувам дека може налепниците да им се дадат на луѓето и сами да ги залепат на таблиците. Цениме дека не е нужно да се снима и да се евидентира нивното поставување во станиците за технички преглед и да изгледа како да правиме фалсификат. Сите сме свесни дека не можеме сами да ги изработиме таблиците, но ако е проблем налепницата НМК таа може да се изработи. Нема да работиме на своја рака, но доколку е потребно ќе влеземе во процесот да ги испечатиме и за тоа не треба да се даваат пари, рече Пешев.   

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој воедно е и претседател на Националниот совет за извоз, посочи дека во текот на денот медиумите ќе добијат точни информации за содржината на писмото, а како што рече, тој ќе им наложи на службите да утврдат зошто досега не е спроведено такво барање и дали е тоа грешка на Комората, како и зошто навреме не е известена Комората за проблемот со сообраќајните и возачките дозволи.

-Очигледно има некакво затајување на релации компании-Комора. Во секој случај ќе треба да се испита одговорноста и да излеземе со став да крајот на неделата во кој ќе ги согледаме сите елементи и ќе видиме што и како ќе побараме, рече Азески. вј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан