• четврток, 26 декември 2024

Столтенберг: Украинците напредуваат, но се уште е нејасно дали е ова пресвртница во војната

Столтенберг: Украинците напредуваат, но се уште е нејасно дали е ова пресвртница во војната

Брисел, 14 јуни 2023 (МИА) - Украинската контраофанзива напредува, но се уште е рано да се каже дали тоа ќе биде пресвртница во војната, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

-Контраофанзивата е во тек, но сè уште не знаеме дали тоа ќе биде пресвртница во војната. Украинците напредуваат, ослободуваат се повеќе територии, рече Столтенберг на прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, што утре и задутре ќе се одржи во Брисел. 

Министрите за одбрана се состануваат како дел од подготовките за самитот на НАТО, што ќе се одржи следниот месец во Вилнус.

-Колку повеќе Украинците ја ослободуваат својата територија, толку посилна ќе биде нивната позиција на преговарачката маса, рече Столтенберг, додавајќи дека и рускиот претседател Владимир Путин ќе види дека не може да победи во војната и дека мора да преговара.

Столтенберг најави и дека министрите за одбрана ќе донесат одлука за формирање на нов поморски центар на НАТО со седиште во Велика Британија, што ќе биде задолжен за безбедноста на критичната подморничка инфраструктура.

-Центарот ќе го зголеми нашиот преглед на ситуацијата на море и ќе го зајакне поморското присуство за одвраќање и одбрана, рече Столтенберг. 

„Мораме да обезбедиме кредибилни аранжмани за Украина штом војната ќе заврши, за да не се повтори историјата и Русија да не може да се одмори, да се вооружи и да започне нов напад“, рече Столтенберг.

-На самитот во Вилнус ќе испратиме силна порака за поддршка и солидарност со Украина и ќе нагласиме дека иднината на Украина е во НАТО, додаде тој. сд/

Остани поврзан