• среда, 27 ноември 2024

Стоилковиќ, Николоски и Муцунски во работна посета на Србија

Стоилковиќ, Николоски и Муцунски во работна посета на Србија

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Делегација предводена од заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, а во чиј состав се и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во среда и четврток ќе престојува во работна посета на Република Србија.

Во рамки на посетата, како што најавија од Кабинетот на  Стоилковиќ, македонската делегација ќе оствари средба со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, претседателот на Собранието Ана Брнабиќ, како и со претставници на неколку ресорни министерства.

- Разговорите на највисоко ниво ќе бидат одлична можност за дефинирање на следните заеднички чекори  и активности, меѓу кои разгледувањето не само за можноста за претставување, туку и за учество на македонското стопанство при реализацијата на ЕКСПО2027, а ќе биде искористена и за иницирање редовни меѓувладини седници меѓу македонската и српската Владата, кои би требало да трасираат нови можности за подобрување на билатералната соработка и можности за заедничка соработка со трети пазари, како и за интензивирање и унапредување на активностите поврзани со процесот Опен Балкан, се наведува во соопштението.  

Целта за реализација на оваа меѓународна средба, се подвлекува, е да се отслика нивото на одличните билатерални односи меѓу двете земји, а истата ќе биде и подготовка за посетата на претседателот на Владата на Република Србија Вучевиќ на покана од претседателот на Владата на РС Македонија Христијан Мицкоски, планирана за крајот на септември. цр/aa/

Фото: Кабинет на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ

Остани поврзан