• петок, 27 декември 2024

Стирк: Ќе следиме два вида избори во ист ден, бројот на набљудувачи не е невообичаен

Стирк: Ќе следиме два вида избори во ист ден, бројот на набљудувачи не е невообичаен

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и чевекови права (ОДИХР) денеска ја отвори набљудувачката мисија во Северна Македонија за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април и парламентарните избори закажани на 8 мај, која се спроведува на покана од властите на земјава. Првпат ОБСЕ/ОДИХР во земјава ќе набљудуваат два вида избори коишто ќе се случуваат во исто време – претседателски и парламентарни избори, за што ќе бидат ангажирани 320 набљудувачи, од кои 20 долгорочни и 300 краткорочни.

Шефот на мисијата амбасадорката од Канада Џилијан Стирк на денешната прес-конференција во Скопје истакна дека ова се 22-ри избори во Северна Македонија што ОДИХР ќе ги набљудува. Последните избори коишто ги набљудуваа беа локалните избори во 2021 година.

-ОДИХР работи во согласност со установена методологија за набљудување на избори. Ние сме целосно непристрасни и се засноваме на факти. Во рамките на мисијата ќе се направи проценка дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство. Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај, рече амбасадорката Стирк.

Таа најави дека тимот експерти ќе работат на прашања поврзани со изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата и медиумите. Од наредната недела, Набљудувачката мисија , вели, треба да започне со интензивно следење на медиумите. 

Покрај главниот тим, ќе има група на 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ земјата во тимови од по двајца и тоа во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје. Во Набљудувачката мисија ќе бидат ангажирани и 300 краткорочни набљудувачи кои треба да пристигнат непосредно пред изборите и ќе бидат распоредени низ земјата.  Тие неколку дена пред изборите ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирањето на резултатите.

-Ние исто така ќе имаме комуникација со сите институции коишто се вклучени во изборниот процес, како и политичките партии и граѓанското општество. Врз основа на сите тие разговори ќе подготвиме прелиминарен извештај којшто треба да биде објавен на 9 април, додаде амбасадорката Стирк.

Таа појасни дека форматот на мисијата произлегува од мисијата за проценка на потребите од јануари кога тимот на ОДИХР беше во посета на земјата. 

-Првпат во Северна Македонија ќе набљудуваме два вида избори коишто се случуваат во исто време – претседателски и парламентарни избори. Двата процеса ќе ги анализираме засебно, но ќе ги комбинираме наодите кога истите се релевантни за двата изборни циклуси, рече Стирк.

Инаку, на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе и се приклучат набљудувачи од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент за двата изборни дена, а потоа и членови на Парламентарното собрание на ОБСЕ коишто ќе дојдат за парламентарните избори, во мај.

-Заедно ќе работиме со нашите партнери и заедно ќе дадеме заедничка изјава веднаш по секој изборен ден, односно на 25 април и на 9 мај. Ќе имаме прелиминарен извештај две недели пред изборниот ден, изјава за прелиминарните наоди коишто ќе бидат претставени на прес-конференција и конечен извештај којшто треба да се објави два месеци по изборниот процес, потенцира канадската амбасадорка Стирк.

На новинарско прашање дали предоцна беа усвоени препораките на ОБСЕ/ОДИХР што се однесуваат на некои од измени на Изборниот законик, со оглед дека тие беа донесени пред само две недели и дали имаат време институциите да се подготват, шефот на набљудувачката мисија вели дека се уште се во фаза на анализирање.

-Имавме иницијален состанок со ДИК, но ова е нашиот прв работен ден како набљудувачка мисија па почнуваме со овие проценки. Свесни сме за работата и претходните препораки, но се уште не сме направиле целосна проценка. Се уште сме во фазата на анализирање, но секако ова е едно од нештата коишто ќе бидат анализирани во рамките на нашата набљудувачка мисија, односно дали претходните препораки се земени предвид, рече амабасадорката Стирк.

Во однос на тоа дали е навистина зголемен бројот на набљудувачи и имаат ли некакви сознанија дека се очекуваат некакви конфликти, Стирк нагласи дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите по реализираната посета во јануари годинава.

-Има два вида на избори коишто се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број на набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите, вели шефот на набљудувачката мисија, амбасадорката Старк. вг/лв/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан