• вторник, 24 декември 2024

Стејт департмент: Слободниот и независен печат е главен столб на демократијата 

Стејт департмент: Слободниот и независен печат е главен столб на демократијата 

Вашингтон, 3 ноември 2024 (МИА) - Соединетите Американски Држави посочија на важноста да се поддржи светската новинарска заедница, потенцирајќи дека „предолго време премногу новинари низ целиот свет се изложени на прогон поради нивната работа”.

Од Стејт департментот синоќа излегоа со изјава по повод Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста за злосторства против новинари.

- Слободниот и независен печат е главен столб на демократијата, изјави портпаролот Метју Милер, додавајќи дека „непристрасните новинари се неопходни за информирање на јавноста и властите да се држат одговорно, особено за време на кризи и итни ситуации”. 

Милер воедно потенцираше дека продолжените светски кризи создаваат зголемена загриженост за безбедноста на новинарите.

- Предолго многу новинари низ целиот свет се изложени на прогон поради нивните репортажи, се вели во изјавата на портпаролот на Стејт департментот.

Според податоците на Комитетот за заштита на новинари, повеќе од 200 новинари беа убиени во изминатата деценија, а нивните убијци не се соочија со правда.

За решавање на овие проблеми, САД создале Платформа за заштита на новинарството во рамките  на Стејт департментот и активно соработуваат со УНЕСКО (организацијата на ОН за образование, наука и култура) во рамките на нова програма за заштита на новинарите.

- Јасно ги осудуваме нападите врз новинарите поради нивната работа и ги повикуваме сите влади да ги заштитат медиумските работници од насилство, прогон и заплашување, изјави Милер. кб/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан