• недела, 24 ноември 2024

Стејт департмент: Администрацијата на Бајден не одобри неформални разговори со Русите

Стејт департмент: Администрацијата на Бајден не одобри неформални разговори со Русите

Вашингтон, 7 јули 2023 (МИА) - Администрацијата на Џо Бајден не ги одобри ниту поддржа тајните состаноци на поранешните функционери на Службата за национална безбедност со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за можни преговори за завршување на војната во Украина, соопштија Белата куќа и Стејт департментот.

Ен-Би-Си објави дека поранешни американски функционери се сретнале со Лавров во Њујорк во април, заедно со поранешниот американски дипломат и претседавач на Советот за надворешни односи во заминување Ричард Хас и двајца поранешни помошници во Белата куќа.

Не е јасно колку често групата, во која имало и поранешни функционери на Пентагон, разговарала со други истакнати Руси за кои се верува дека се блиски до Кремљ. Најмалку еден член на неидентификуваната група патувал во Русија, Ен-Би-Си.

„Администрацијата на Бајден не ги овласти тие разговори. А, како што веќе рековме, нема да разговараме за Украина без Украина“, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Тој додаде дека администрацијата ќе продолжи да доставува оружје во Киев за украинските власти „да можат да преговараат од силна позиција кога ќе проценат дека дошол вистинскиот момент“.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, во интервју за Си-Би-Ес рече дека Белата куќа е запознаена со неформалните разговори.

„Но, сакам јасно да кажам дека ние не ги охрабруваме ниту поттикнуваме овие разговори и дека не учествуваме во нив на кој било начин. Како што рече претседателот, нема да разговараме за Украина без Украина“, истакна Кирби.

Ен-Би-Си, повикувајќи се на шест лица, објави дека целта на разговорите била да се постават темелите за можни преговори за завршување на војната што избувна по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Тие навеле два извори кои кажале дека администрацијата знаела дека се водат разговорите, но не по нејзини упатства, и дека оние кои се сретнале со Лавров потоа ја информирале Белата куќа за тоа. паг/

Фото: МИА архива

  

 

Остани поврзан