• четврток, 26 декември 2024

Стејт департментот за сесрпскиот сабор: Лидерите од Западен Балкан треба да промовираат стабилност

Стејт департментот за сесрпскиот сабор: Лидерите од Западен Балкан треба да промовираат стабилност

Вашингтон, 12 јуни 2024 (МИА) - По повод декларацијата усвоена во „Сесрпскиот сабор“, американскиот Стејт департмент ги повика политичките лидери од Западен Балкан подобро да ги искористат нивните состаноци со цел да се промовира регионалната стабилност и помирување.

По повод Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ, Стејт департментот во својот одговор до Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека САД „цврсто го поддржуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и мулти-етнички карактер на Босна и Херцеговина, чиј дел е и Република Српска.“

„Реториката и постапките на (претседателот) Милорад Додик во врска со отцепувањето на Република Српска ја загрозуваат мирната, демократска и просперитетна иднина во евроатлантските институции што ја посакуваат и заслужуваат граѓаните на БиХ, вклучително и жителите на Република Српска “ соопштија од Стејт департментот.

САД „веруваат оти иднината на сите земји од Западен Балкан е во Европската унија, во која регионалната соработка и добрососедските односи водат до поголем мир, безбедност и просперитет за сите“.

Усвојувањето на декларацијата во „Сесрпскиот сабор“, на 8 јуни во Белград, вчера го коментираше и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, велејќи дека фокусот на сите што се грижат за Србија и нејзината иднината треба да остане на создавање на мирна и просперитетна иднина за целиот Западен Балкан и на зголемување на регионалната соработка со интеграцијата во ЕУ како крајна цел. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан