• среда, 25 декември 2024

Стерјовски: Општина Пустец со 100 отсто наплата, но за жал со амортизирана електромрежа, Владата мора да го реши тоа

Стерјовски: Општина Пустец со 100 отсто наплата, но за жал со амортизирана електромрежа, Владата мора да го реши тоа
Тирана, 23 март 2021 (МИА) - Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на албанскиот парламент, повторно ја пренесе загриженоста на Македонците, жители на општина Пустец во врска со проблемот со снабдување со електрична енергија. -Како пратеник од округот на Корча, во Парламентот, во повеќе наврати ја имам изразено загриженоста на жителите од македонската заедница во општина Пустец во врска со проблемот со снабдувањето со електрична енергија. Од времето на електрификацијата повеќе од 50 години во главната мрежа и дистрибуција на електрична енергија во општина Пустец, не е извршена никаква интервенција, рече Стерјовски. Додаде дека електромрежата е амортизација и следствено на тоа создава тешкотии во секојдневниот живот на жителите а ја попречува и туристичката сезона. Потсети дека на една од пленарните сесии минатата година, министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, во врска со овој проблем, ветила дека и Пустец ќе биде под внимание на министерството, но, оти „до денес не е преземена ниту една мерка за решавање на овој проблем“. -Барам од Министерството за инфраструктура и енергетика сериозно да го сфати проблемот со снабдување со електрична енергија на општина Пустец и да вложи во реконструкција на електричната мрежа, бидејќи жителите на општина Пустец во овие триесет години се пример во однос на плаќањето на сметките за потрошена електрична енергија, со 100 отсто наплата, посочи Стерјовски. Ова, инаку е последователно барање на Стерјовски за надминување на проблемите со кои се соочуваат Македонците во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо. Токму благодарение на неговото залагање дел се надминати, како што меѓу другите се и издвоените средства од буџетот на владата за изградба на водоводна мрежа и легализацијата на дивоизгаредните функционални објекти во општина Пустец. вт/нд/

Остани поврзан