• сабота, 23 ноември 2024

Стерјовски од Трново: Илинден е симбол на нашиот колективен дух

Стерјовски од Трново: Илинден е симбол на нашиот колективен дух

Дебар, 2 август 2024 (МИА) – Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и претседател на друштвото „Сонце“ Васил Стерјовски, присуствуваше и на 53. Семакедонска средба во Трново, каде што традиционално престојува секој Илинден.

-Илинден е симбол на нашиот колективен дух, доказ за нашата посветеност на слободата и олицетворение на нашето културно наследство. Токму на овој ден, пред повеќе од еден век, нашите предци ги поттикнаа ветровите на бунтот, сонувајќи за татковина во која слободата не беше привилегија, туку основно право. Иако востанието беше брутално задушено, духот на Илинден остана жив и продолжи да гори како светилник на нашиот национален идентитет, рече во обраќањето пред присутните.

Порача дека Илинден има посебно значење и за Македонците во Албанија, додавајќи дека македонските села во Албанија активно учествувале во подготовките за општомакедонското востание, а и во „Втората светска војна, Македонците од Албанија се приклучиле на партизанските движења и помогнале во ослободувањето на Македонија и Албанија од наци-фашизмот“.

Потсети уште еднаш дека МАЕИ ги отфрла прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија мината година, поради фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија пред и за време на пописот на населението во Албанија.

-И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институциите на власта на Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што од Албанската влада не презедоа мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија, рече тој.

Не само Македонците и другите малцинства во Албанија, нагласи, не ги прифаќаат пописните резултати и бараат нов попис на населението, во согласност со меѓународните стандарди заради манипулација со бројките на малцинства.

-Ние, Македонците во Албанија, сме лојални граѓани кои придонесуваме за просперитетот на Албанија, додека истовремено го чуваме и негуваме нашето македонско наследство. Во ова време на евроатлантски интеграции, важно е да се осигура дека правата и идентитетот на Македонците во Албанија ќе бидат заштитени и почитувани. Не смееме да дозволиме обиди за асимилација и денационализација да го поткопаат нашиот идентитет и културно наследство, порача тој.

Илинден, рече, не учи да застанеме цврсто, да ги браниме нашите права и да го чуваме нашето наследство.

-Ние, Македонците во Албанија сме нераскинлив дел од македонската нација, без разлика на границите. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден! Да живее македонскиот народ, посака Стерјовски завршувајќи го обраќањето во Трново, каде предводеше делегација на МАЕИ. вт/вј/

Фото: МАЕИ

Остани поврзан