• четврток, 26 декември 2024

Стерјовски: Од Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот и сме неотуѓив дел од македонскиот народ

Стерјовски: Од Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот и сме неотуѓив дел од македонскиот народ
Дебар, 23 април 2023 (МИА) - Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски учествуваше на чествувањето за Јане Сандански.
 
- Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, рече на почетокот од обраќањето Стерјовски.
 
Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права".
-Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија, нагласи тој.
Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците". Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој. 
Според него, девизата на пиринскиот цар  „Да живееш - значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство" останува како порака за сите нас. 
Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија, посочи Стерјовски,  и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.
- Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства, порача Стерјовски.
Ја поздравуваме, кажа тој, неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков каде разговараа за „положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија и се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина".
- Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар, рече во обраќањето Стерјовски. вт/
 
Фото : МАЕИ

Остани поврзан