• понеделник, 23 декември 2024

Стерјовски на одбележувањето 55 години од формирањето на македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“

Стерјовски на одбележувањето 55 години од формирањето на македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“

Дебар, 1 октомври 2024 (МИА) – Претседателот на македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ Васил Стерјовски престојува во Канада, на покана на редакцијата на македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“, по повод 55-годишнината од постоењето на ова најстаро радио во македонската дијаспора.

-Ми претставува огромна чест да ве поздравам во име на единствената политичка партија на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција и да бидам дел од ова значајно одбележување на 55 години од формирањето на македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“. Овој настан претставува уште едно сведоштво за истрајноста, љубовта и посветеноста на Македонците во Канада кон зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик и култура, рекол Стерјовски во своето обраќање.

Посебна благодарност упатил до Драгица Белчевска, продуцентот на Македонската радиопрограма, за поканата и за нејзината неизмерна истрајност и посветеност во водењето на оваа програма. 

-Нејзината работа е столб на македонската радиопрограма, која со децении го спојува нашиот народ не само во Канада, туку и ширум светот. Македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“ е гласот на сите Македонци, каде и да се наоѓаат, глас кој ги пренесува вестите, радостите, традициите и спомените од татковината, оценил тој.

Како што изјави за МИА, оваа програма има „важна улога во интеграцијата на Македонците од Република Македонија, од Егејска Македонија, од Пиринска Македонија и од Република Албанија, во канадското општество“. Истовремено, таа неуморно работи на зајакнување на врските меѓу нас Македонците, каде и да сме, да бидеме заедно и да го чуваме нашиот заеднички македонски дух.

-Упатив благодарност до сите Македонци од Канада, кои изминативе години беа со нас Македонците во Албанија и преку својата поддршка придонесоа за зачувување на нашиот идентитет.  Благодарност за поддршката до Бил Николов, д-р Лефтер Манче и многу други, како и до Македонците се потекло од Албанија кои живеат во Канада како Босилко Аговски, Насте Граждани, Владимир Трпо. Нивната подадена рака ни помогна да се бориме за нашите права и да го зачуваме нашиот јазик и култура во Албанија, рече Стерјовски.

Посакав да продолжиме да се поддржуваме и да ја негуваме оваа нераскинлива врска меѓу нас, да продолжи македонската радиопрограма „Гласот од Македонија“ да го одекнува македонското слово и да ги поврзува генерациите што доаѓаат.

Во говорот ги запознал со „фактот дека Македонците во Албанија се лојални граѓани кои секојдневно придонесуваат за напредокот и развојот на оваа земја“. 

-Но, нагласив дека и покрај ова, ние остануваме горди Македонци, врзани со нашиот јазик, култура и традиции. Ние, Македонците, имаме своја богата историја и идентитет, кои со гордост ги чуваме и ги пренесуваме на следната генерација. Ги информирав дека нашата заедница живее во педесетина села долж македонско-албанската граница, во региони, како Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, како и во поголемите градови на Албанија, вели тој.

Доаѓам, додал, од регионот на Преспа „област длабоко вкоренета во македонското наследство, каде што сум израснат во средина полна со љубов кон нашиот македонски идентитет. Оваа љубов беше основата на мојата животна работа и истата страст ме тера да го претставувам нашиот народ каде и да одам“.

-Се задржав и на многуте средби и моето учество во активности со Македонци од Република Македонија, Егејска Македонија, Пиринска Македонија и оние во Албанија, Косово, Србија, па дури и Турција“. Ме исполнува со гордост кога гледам дека, без разлика на вера или локација, Македонците низ овие региони пеат, играат и ја слават својата култура, зачувувајќи го својот македонски идентитет со непоколеблива посветеност, нагласи Стерјовски за МИА. 

Посочи дека свеченоста завршила со македонски песни и ора и најави дека има планирани средби со претставници на Македонците во Канада. вт/мд/

Фото: МАЕИ 

 

Остани поврзан