• вторник, 24 декември 2024

Стерјовски: Мора да бидеме свесни за зачувување на мајчиниот македонски јазик

Стерјовски: Мора да бидеме свесни за зачувување на мајчиниот македонски јазик

Дебар, 21 февруари 2023 (МИА) - Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција и голем поборник за правата на Македонците во оваа земја, Васил Стерјовски, изјави дека Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува секоја година на 21 февруари за да се потсетиме на „важноста од зачувување на мајчините јазици и да се подигне јавната свест за потребата од нивна заштита“.

Тој додава дека на Меѓународен ден на мајчиниот јазик, мора да бидеме свесни за важноста од зачувување на мајчиниот јазик и заштита на правата на заедниците да го зборуваат својот мајчин јазик. 

Стерјовски посочува дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.

- Македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија. Македонскиот јазик во Албанија денес се зборува во областа на Преспа (има настава на македонскиот јазик во училиштата), во областа Голо Брдо (имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948), во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол (настава на македонски јазик имало до 2014 година) како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и др., наведува тој.

За македонската заедница во Албанија, посочува Стерјовски, е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација.

- Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити. Во овој контекст, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската заедница во Албанија, е многу поголем предизвик. Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење, оценува Стерјовски.

Во оваа точка, смета тој,  државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. 

Ова, според него, може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик.

- Освен тоа, и ние како поединци можеме да направиме промена со ценење и користење на нашиот мајчин јазик. Мајчините јазици треба да ги прифатиме како богат и важен дел од човечката култура. На овој начин можеме да помогнеме да ги зачуваме и заштитиме, порачува Стерјовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. вт/сп/

 

Остани поврзан