• четврток, 26 декември 2024

Стендап-комедија на Надица Петрова во Крива Паланка

Стендап-комедија на Надица Петрова во Крива Паланка

Крива Паланка, 5 април 2024 (МИА) - Публиката во салата на Центарот за култура Крива Паланка синоќа уживаше во комичните реплики и хуморот на младата актерка Надица Петрова од Театарот „Златен Елец“, која настапи со стендап комедија.

-Пријатно освежување на културната понуда во нашиот град благодарение на Министерството за култура на Северна Македонија и иницијативата на министерството „Театрите поблиску до публиката“. Смеа, хумор и бројни аплаузи се она што ја карактеризира синоќешната атмосфера, со која само ја навестувме и најавуваме богатата лепеза програмски активности на НУЦК од годишната програма, од повеќе дејности, кои придонесуваат кон програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“, информира директорот на НУ Центар за култура Крива Паланка Антони Стојановски.

Априлската програма беше отворена во средата, на 3 април, со работилницата „Пробуди ја креативноста“, проект од годишната програма за работа на НУЦК со менторката  Оливера Станковска.

До понеделник трае пријавувањето на сите заинтересирани млади од градот за изучување традиционални инструменти: тапан, кавал, гајда и тамбура, работилници што ќе ги води професорот Горанчо Ангелов од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

В понеделник, 8 април, со почеток во 20 часот, закажан е концертот „Под сонцето“ во чест на Светскиот ден на Ромите. На концертот ќе настапат група „Бајса и пријателите“: Бајса Арифовска, Дамир Имери, Ратко Даутовски и вокал Душко Георгиевски.

Од НУЦК информираат дека во април е предвидено да реализираат повеќе од десет настани од различни дејности за сите генерации љубители на уметноста. ид/мд/

Фото: Фејсбук на Надица Петрова и НУ Центар за култура Крива Паланка 

 

Остани поврзан