• сабота, 23 ноември 2024

Стела Киријакидес: ЕУ мора да направи повеќе за квалитетот на животот на заболените од дијабетес 

Стела Киријакидес: ЕУ мора да направи повеќе за квалитетот на животот на заболените од дијабетес 

Брисел, 14 ноември 2023 (МИА) – Повеќе од 32 милиони луѓе во ЕУ живеат со дијабетес, што претставува еден од десет возрасни европски животот, а уште позагрижувачки е што оваа бројка е двојно зголемена само во последната деценија, изјави еврокомесарот за здравје и безбедност на храната Стела Киријакидес по повод Светскиот ден на дијабетесот - 14 ноември. 

- Мораме да направиме повеќе за да одговориме на овој хроничен товар за здравјето на луѓето, нивниот квалитет на живот и нашите здравствени системи во целина. Ова е причината зошто Комисијата работи напорно за зајакнување на превенцијата, дијагнозата и управувањето со дијабетесот и за намалување на здравствените нееднаквости низ ЕУ. Превенцијата е секогаш подобра од лекот, затоа се фокусираме на мерки за да овозможиме интервенции во рана фаза и да ги откриеме состојбите што е можно побрзо, наведува Киријакидес во изјавата. 

Таа додава дека иницијативата на ЕУ за незаразни болести - „Поздрави заедно“ е визијата и рамката на Унијата врз основа на која земјите членки треба да го подобрат здравјето и благосостојбата на своите граѓани, преку заеднички активности кои го намалуваат влијанието на незаразните болести, вклучително и дијабетесот. 

- Програмата „EУ за здравје“, поддржана со 53 милиони евра, е најголемиот финансиски придонес на ЕУ во досегашните акции за дијабетесот и кардиоваскуларните болести. Оваа иницијатива има за цел да направи вистинска разлика за оние кои се изложени на ризик од развој на дијабетес, како и луѓето кои живеат со дијабетес и други хронични болести, како што се кардиоваскуларни заболувања, додава Киријакидес. 

Според неа, справувањето со дијабетесот може да се направи најефикасно само со заедничка работа и споделување на знаењата и експертизи.  

- Ова е причината зошто ние, исто така, ја поддржуваме соработка меѓу земјите членки со 75 милиони евра за подобрување на собирањето податоци и информации за факторите на ризик, како што се тутунот и алкохолот, недостигот на физичка активност и нездравата исхрана. Овие информации ќе се користат за спроведување на насочени превентивни програми, на пример кампањи за подигање на свеста за здравјето и за најдобрите практики, посочува еврокомесарката. 

Таа потсетува и дека ЕУ инвестира преку 296 милиони евра од програмата „Хоризонт Европа“ за поддршка на речиси 120 проекти поврзани со истражувања на дијабетесот. 

- Ние продолжуваме тесно да работиме и да ги поддржуваме земјите членки преку Експертската група за јавно здравје за да ги зголемиме активностите за промоција на здравјето и превенција на болести. Преку Платформата за здравствена политика на ЕУ, ги поддржуваме засегнатите страни во размената на знаења и информации за дијабетесот и другите болести кои можат дополнително да ја подобрат работата на земјите членки во намалувањето на влијанието на овие хронични болести, вели Киријакидес 

Таа посочува дека клучна улога во справувањето со дијабетесот имаат граѓаните, нагласувајќи дека ризикот и товарот од дијабетесот тип 2 може да се намалат со поздрав избор на начин на живот, како што се здрава исхрана, физичка активност и непушење, кои се одлуки што секој може индивидуално да ги донесе.  

- Затоа е важно да се создаде средина што ќе ги охрабри нашите граѓани да го направат здравиот избор лесен избор. Дијабетесот е еден од клучните здравствени предизвици на модерното време и овој предизвик ќе продолжи да расте доколку сите не работиме заедно и не преземеме итна акција. На овој Светски ден на дијабетесот, ги повикувам земјите членки и засегнатите страни да ја зајакнат нивната соработка, за да можеме да го подобриме животот на милиони Европејци кои живеат со дијабетес. Времето за дејствување е сега, додава Киријакидес во пораката. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан