• среда, 18 декември 2024

Статутот на Општина Крива Паланка прилагоден за лицата со попреченост

Статутот на Општина Крива Паланка прилагоден за лицата со попреченост

Крива Паланка, 10 декември 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка е првата општина во државата што Статутот го прилагоди и за лицата со попреченост, со оштетен вид и слух, а адаптирањето е извршено во рамки на проектот „Пристапна и отворена општина“ (Ништо за нас-Без вас“) што го изработи здружението „Хендикеп плус“, во соработка со Општината и со финансиска поддршка од Бугарската помош за развој. 

Статутот има аудио формат, изготвен е со Брајово писмо и знаковен јазик, а во таков формат е достапен на општинската веб страница www.krivapalanka.gov.mk.

- На Меѓународниот ден на човекови права, 10 декември, горди сме да го промовираме Статутот кој како документ во форма што можат да го користат и лицата со попреченост за првпат е направен на Балканот. Истовремено, Крива Паланка е и прва општина која има формирано Совет на заедницата со попреченост, кој веќе има поднесено неколку иницијативи до локалната самоуправа, изјави Бранкица  Димитровска, претседателка на „Хендикеп плус" на завршниот настан што се одржа во Општина Крива Паланка.

На настанот присуствуваше новиот амбасадор на Бугарија во земјава Жељаско Радуков, кој истакна дека обврска на општините и државите е да создаваат услови за да може да се искористи капацитетот на лицата со попреченост.

- Само со соработка и заеднички активности можат да се направат системски промени во заедниците за достојно место на лицата со попреченост. Ние ги поддржуваме ваквите иницијативи и се надевам дека и во иднина ќе соработуваме, рече Радуков.

Целта на проектот „Пристапна и отворена општина" е да се обезбедат социјални промени иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на правото. ид/бак/

Фото: Здружение „Хендикеп плус"

Остани поврзан