• недела, 24 ноември 2024

Стартува со работа Македонската берза на електрична енергија

Стартува со работа Македонската берза на електрична енергија

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Македонската берза на електрична енергија денеска официјално стартува со работа. Со домашната берза раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското. 

Како што изјавија за МИА од МЕМО, 22 компании досега склучиле договори, а 20 од нив ќе имаат можност денеска да тргуваат со електрична енергија на берзата. Тоа се компаниите: СЕНТРАДЕ, ДУФЕРЦО МК, AOT МАКЕДОНИЈА, ЕЛНОР, ЕСМ ПРОДАЖБА, ГЕН-И, ТЕ-ТО АД Скопје, ИНТЕРЕНЕРГО, РЕС, МАКСТИЛ, ЕФТ, АД МЕПСО, ЕНЕРЏИ АКТИВЕ, ЕВН снабдување, ЕВН електрани, ОКТА, УНИВЕРСАЛ ЕНЕРЏИ, ЕДС, ЕТМТ ЕНЕРЏИ и АД ЕСМ. Интерес пројавиле и други компании, а со нив ќе се разговара во претстојниот период.

Стартувањето на домашната берза на струја ќе биде промовирано на денешиот настан, на кој ќе биде презентирано како со пазарот ден-однапред се обезбедува конкуренција за постигнување оптимални цени на електричната енергија, подобрување на користењето на енергетската мрежа и обезбедување на дополнителни можности за инвестиции во областа на обновливи извори на енергија.

На настанот е предвидено да се обратат, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заменик-амбасадорот на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски и управителот на МЕМО, Симон Шутиноски.

На панел дискусијата ќе учествуваат, Хуан Перез, стратешки директор на EPEX SPOT, Анже Предовник, генерален директор на BSP South Pool/ADEX Group, Јасмина Трхуљ, раководителот на Одделот за електрична енергија при Секретаријатот на енергетската заедница и управителот на МЕМО, Шутиноски. 

Тој неодамна во интервју за МИА во кое го најави отворањето на берзата, истакна дека ова е само еден чекор во еден поголем процес во кој е предвидено поврзување со берзите во соседството, а потоа и со пазарите во Европа. 

Изрази очекување дека берзата ќе стане ликвидна од првиот ден, односно се очекува да има тргување во секој час и со тоа конечно да се добијат референтни цени за секој час за македонското општество.

- Тоа значи нашата индустрија, нашите граѓани, целокупната побарувачка и производство на електрична енергија кога ќе се стават во еден систем ќе добиеме цени во секој час релевантни за нашата држава, вели Шутиноски и појаснува дека досега референтната цена се пресметуваше според унгарската берза, ХУПЕКС, која е земена како една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија.

Тој нагласува дека првобитно за целата држава, но и за берзата на електрична енергија е да имаме релевантна цена во секој час. Првично ќе се тргува врз принципот ден однапред, а откако, како што вели, ќе бидат сигурни дека има ликвидност, односно понуда и побарувачка во секој час во текот на денот, ќе се премине кон воспоставување на пазарот во текот на денот или интрадеј маркетот. 

Македонската берза прво ќе биде во границите на земјава се додека не настапи првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи. На неа ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на регистрирани учесници на пазарот, кој го води МЕМО ДОЕЛ Скопје како оператор на пазарот.

Шутиноски посочи дека билатералните договори е начинот на кој досега се тргуваше и тие ќе останат во функција и понатаму, но со отворањето на берзата ќе се добие транспарентно тргување со електричната енергија на големо и гаранција за сите оние страни кои сакаат да склучат трансакција.

-Во досегашните билатерални договори тие пластично кажано се случуваат помеѓу две страни, гаранција меѓу нив нема, нема дека тоа е гарантирано дека може да се случи, додека во случај кога истото тоа тргување ќе се случи на берзата тогаш гаранција дека таа трансакција, тоа е тргување во одреден час на одредена енергија ќе се случи гарантот за сето тоа е МЕМО како берза, бидејќи тргувањето оди на начин што понудата која ја претставуваат производителите и цените кои тие сакаат да ја продадат енергијата и онаа побарувачка од трговците и снабдувачите и цените кои тие ги нудат се ставаат во еден систем. Тоа е трговската платформа, каде што има математички алгоритам, тој ги зема предвид сите работи, прави мечување – пресек помеѓу понудата и побарувачката и цените кои се понудени и создава една средна цена, просечна цена во тој час во кој ќе се истргува одредена енергија, појаснува Шутиноски.

На 10 мај со работа ќе стартува македонската берза на електрична енергија. Со домашната берза ќе раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над

Времето на затворање на трансакциите во денешниот ден за утрешното тргување ќе биде во 10 часот и 35 минути, што, како што вели Шутноски е малку поразлично од времето на затворање на трансакциите во Европската Унија.

-Добро е да се тргува малку порано од европското време за да се остави можност на сите оние учесници кои нема да успеат да направат трансакција во нашата држава до 10:35 да можат своите количини или побарувања да ги затворат на европскиот пазар кој се затвора во 12:00. Откога ќе се приклучиме во европското семејство со маркет каплинг тогаш времето ќе се помести на европското време во 12:00, наведува Шутиноски. ац/лв/

Остани поврзан