• четврток, 26 декември 2024

Стартува новата ИПАРД 3 програма наменета за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра

Стартува новата ИПАРД 3 програма наменета за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра

Скопје, 3 септември 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска го означија почетокот на новиот ИПАРД 3 проект за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање посочи дека целта на оваа програма е многу поголема реализација и целосна искористеност на средствата кои ЕУ ги одвојува за државава.

-Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100 проценти од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во Европската Унија, бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ, рече Ковачевски. 

Тој додаде дека само преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој биле вложени околу една милијарда евра, а исто така, минатата година ЕУ обезбедила и 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија, 80 милиони евра за справување со енергетската криза и 160 милиони евра за справување со економската криза.

-Оваа поддршка уште повеќе се зголемува кога една земја станува членка на ЕУ и само за споредба, помошта која што ја добиваат од ЕУ фондовите земјите членки на Унијата од регионот е 11 пати поголема по глава на жител од она што го добиваат земјите кандидати за ЕУ., потенцира премиерот Ковачевски.

Затоа, со овозможувањето на пристапот до единствениот пазар на ЕУ од 500 милиони луѓе, ќе создадеме мотив не само за нашите земјоделци, за нашите бизниси, туку и за нашите млади тука во Северна Македонија да ја градат својата иднина, посочи Ковачевски.

Оцени дека преку претходната ИПАРД 2 програма биле склучени 2 369 договори со земјоделци и со граѓани кои што имаат други услужни дејности поврзани со земјоделството во нашата држава.

-На овој начин Северна Македонија доби зголемени финансиски средства со ИПАРД 3 програмата и е прва земја од регионот која што ќе започне со нејзиното користење. Преку ИПАРД 2 програмата на располагање имавме 60 милиони евра, коишто поради најголемата искористеност, сега, во ИПАРД 3 програмата, се зголемени на нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство, изјави премиерот.

Министерот Николовски информира дека Северна Македонија е прва земја во регионот која започнува со реализација на ваква програма. Нагласи дека со ИПАРД 3 програмата се добиваат средства за македонскиот агросектор, кои значат влог во модерно и конкурентно земјоделско производство по европски стандарди.

-Со правилни политики, Северна Македонија, денес е лидер во регионот по најголема искористеност од 98 проценти на средствата од ИПАРД 2 програмата. Со овозможувањето на пристапот до единствениот пазар на ЕУ од 500 милиони луѓе, ќе создадеме силен мотив не само за нашите земјоделци, за македонскиот агросектор, туку и за нашите млади тука, овде, обезбедувајќи им ја ЕУ дома, истакна министерот.

Повикот за аплицирање за програмата се однесува на приоритетните сектори за инвестиции од млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи масла и маснотии од животни, шира, вино и оцет. Понатаму производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарна и секундарна биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември, оваа година. Инвестициите кои ќе бидат одобрени мора да бидат завршени до 31 мај. Барањето за исплата апликантите треба да го достават до 30 јуни. свс/вг/

Фото: Влада

Остани поврзан