• среда, 18 декември 2024

Стартува ЕП во одбојка, Скопје меѓу градовите домаќини

Стартува ЕП во одбојка, Скопје меѓу градовите домаќини

Скопје, 28 август 2023 (МИА) – Со натпреварот меѓу кодомаќинот Италија и Белгија денеска почнува 33. Европско првенство за одбојкари на кое на картата домаќини меѓу осумте градови е и Скопје.

Скопје е домаќин на групата Ц во која противници на македонската одбојкарска репрезентација се селекциите на Данска, Чешка, Црна Гора, Холандија и Полска.

Воведниот натпревар на ЕП македонските одбојкари ќе го одиграат в среда од 20 часот против Данска во салата „Борис Трајковски“, по што следуваат дуелите против Црна гора (2 септември), Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и Чешка (6 септември).

Премиерниот натпревар на ЕП, на кое кодомаќини се и Бугарија и Израел, вечерва од 20 часот во Болоња е во рамки на групата А во која се и репрезентациите на Естонија, Германија, Србија и Швајцарија.

Во групата Б се репрезентациите на Бугарија, Хрватска, Финска, Словенија, Шпанија и Украина, додека групата Д ја сочинуваат Франција, Грција, Израел, Португалија, Романија и Турција.

Пласман во нокаут фазата ќе обезбедат најдобрите четири репрезентации во секоја група.

Осминафиналните и четвртфиналните натпревари ќе се играат во Бари и Варна, додека завршницата во борбата за медали ќе се игра во Рим.

Натпревари од групната фаза ќе се играат и во Перуџа, Анкона и Тел Авив. ег/вј/

Фото: ОФМ

Остани поврзан