• четврток, 26 декември 2024

Стартува граѓанската обврзница, објавен проспектот за првата аукција

Стартува граѓанската обврзница, објавен проспектот за првата аукција

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) -  Граѓаните од денеска можат да почнат постапка за купување, односно запишување граѓански обврзници - нов финансиски инструмент на домашниот пазар. Министерството за финансии го објави проспектот за првата аукција на вакви обврзници на износ од 600 милиони денари. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Купонската камата ќе изнесува пет проценти, а рочноста е две години. 

-Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби - за тековни потреби и за развојни цели и инвестиции во трајни добра, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Овие средства, посочи премиерот, преку буџетот ќе бидат повторно инјектирани во стопанството, како преку потрошувачката, исплатата на плати и пензии, така и преку инвестициски активности. Тие ќе ја придвижат економската активност, што ќе придонесе кон забрзување на економскиот раст, рече Ковачевски. 

Како што појасни министерот Бесими, граѓаните преку комерцијалните банки можат да достават барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници до 12 јули, односно еден ден пред аукцијата кога точно ќе се знае интересот.

-По одржување на аукцијата, обврзницата ќе им биде издадена на имателите, односно ќе биде запишана на нивно име. Проспектот е издаден на 600 милиони денари, односно толку граѓански обврзници државата првично планира да издаде. Износот на една обврзница е 10.000 денари. Каматната стапка е пет проценти,  а рокот на доспевање две години. Тоа значи дека ако граѓанин инвестира во 10 обврзници односно 100.000 денари, на рокот на доспевање на 27 2024 година ќе добие  5.000 денари, наредната година уште  5.000 денари или вкупно 10.000 денари на инвестицијата. Другата предност е тоа што граѓаните ќе имаат можност доколку имаат потреба во тие две години да ги продадат, а придобивката е и во насока на борбата против сивата економија, појасни Бесими.лв/аа/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан